БАС РАПИД ТРАНЗИТ СИСТЕМОТ НА СКОПЈЕ ЌЕ МУ ДОНЕСЕ ПРОГРЕС И ГЛАВОБОЛКИ Скапа играчка или модерен проект?

БРТ ќе биде управуван дигитално од систем на синхронизирани семафори кои ќе им даваат предност на хармониките пред возилата. Но, што кога ќе снема струја, или при сообраќајка? Битолските инженери гледаат проблем и во одржувањето на автобусите, а за електронските системи можеби ќе треба да има и дополнителни вработувања. На удар се дисплеј-екраните, вендор-машините за издавање билети и влезните капии во попатните станици, клучни делови од системот.

3,131

Една година и 13 месеци би бил раскопан главниот град на Македонија за по оската на неколку улици да можат да врват 24-метарски автобуси-хармоники одделени од автомобилите и со тоа да се намали сообраќајниот хаос. Вака предвидува проектот за Бас Рапид Транзит системот кој го стопираше новата градоначалничка Данела Арсовска и ги подели скопјани, а во меѓувреме стигнаа вестите за можен референдум: дали сте за 70-милионското метро на Шилегов или за едноставна набавка на 250 еко-автобуси, секој од нив по 300.000 евра?

Додека се кршат копјата околу одлуките на Град Скопје, првите критики од експертите стигнале уште лани. Сообраќајните инженери од битолската компанија „24 ИНГ“ во сопствен документ изнесоа бројни замерки за самата организација на трасите, за големото стеснување на веќе тесните улици, за скапата електроника на новите семафори која тешко ќе се одржува и за 21 нова станица кои наместо по тротоарите сега ќе бидат насред улица и за да дојдете до нив ќе морате да поминете низ три ленти.






БРТ предвидува Малиот ринг во центарот да стане пешачка зона почнувајќи од Триумфалната капија, но не е предвидено пренасочување на автомобилите. Дополнителни проблеми се и мостот кај Обединети Нации за чие проширување требаат уште средства и вкрстувањето на трасите на БРТ со меѓуградските автобуси, а уште се води дебатата за главната водоводна цевка широка 1,6 метри која може потенцијално да биде оштетена.

– Никој не треба да се грижи во оваа смисла. И водата, и водоснабдувањето, и главната цевка ќе биде заштитена и лесно достапна за евентуални дефекти. Досега не се случило на оваа цевка да има дефект – рече градоначалникот Петре Шилегов пред неколку месеци на Канал 5 во емисијата „Жешко политичко лето“.

„Партизанска“ ќе има по две наместо три ленти, ќе се закрчи и „Илинденска“

Тоа што е сигурно е дека, БРТ системот значително ќе ги стесни лентите за автомобили. Не само што се предвидени две автобуски ленти за две хармоники, туку лево и десно од нив ќе има дрворед и пешачки патеки. Да се потсетиме, единствената улица во Скопје која има по три ленти е булеварот „Партизански одреди“, а сега ќе има по две.

„Од булеварот „Партизански одреди“ се одзема по една сообраќајна лента за секоја насока. … Неопходно е продолжување на булеварот „Илинден“ со нов мост на Вардар и негово поврзување со западниот дел од сообраќајната мрежа“, сметаат од „24 ИНГ“ и се додава:

„Поставувањето на трасата на БАС на главниот коридор исток-запад повеќе ќе ги истакне недостатоците на постојната сообраќајна мрежа бидејќи се одзема по една сообраќајна лента во секоја насока“.

Од 18 км/час сега на 25 км/час за две години 

Патувањето од скопската населба Ново Лисиче до Ѓорче Петров со БРТ би се скратило од сегашните 70 на 35 минути. Тоа значи дека до центарот на градот би стигнувале за 15-тина минути. Ќе биде ли ова доволно да ги натера луѓето кои го имаат комфорот да патуваат со автомобил да влезат во хармониката?

Истражување спроведено од фондацијата Метаморфозис покажува дека од 150 милиони граѓани годишно во 1989 година, во 2018 само една петтина, односно 44,7 милиони скопјани користеле автобус. Тоа значи дека бројката е во опаѓање. За споредба, БРТ би превезувал 65 илјади луѓе дневно.

Што се однесува до брзината, ова истражување вели дека во 2019 година била 18,39 км/час, додека просечната брзина на БРТ, според најавите, би била околу 25 км/час.

Ако протести го закрчат градот, нема споредна рута

БРТ не предвидува што би се случило во случај на протести, манифестации, вонредни состојби или други закрчувања на сообраќајот. Нема споредни рути, забележале битолските инженери, а еве што тие предлагаат:

„Овој проект бара старт на два други независни проекти за оптимизација на мрежата за отстранување на ризиците … Докомплетирање на сообраќајната мрежа низ центарот на градот, булеварот „Македонија“, меѓу булеварот „Свети Климент Охридски“ и Тутунски комбинат (Лимак) … Во Аеродром, пред почетокот на функционирањето на БАС, неопходно ќе биде продолжување на булеварот „АСНОМ“, конекција со булеварот „Гоце Делчев“ пред почетокот на функционирање на БАС“, се вели во соопштението.

Што кога ќе снема струја за новите семафори?

БРТ ќе биде управуван дигитално од систем на синхронизирани семафори кои ќе им даваат предност на хармониките пред возилата. Но, што кога ќе снема струја, или при сообраќајка? Битолските инженери гледаат проблем и во одржувањето на автобусите, а за електронските системи можеби ќе треба да има и дополнителни вработувања. На удар се дисплеј-екраните, вендор-машините за издавање билети и влезните капии во попатните станици, клучни делови од системот.

За да стигнете до станица треба да преминете три ленти?

Штом постојките се изградени насред улиците, за што во моментов инаку не постојат можности во Законот за јавни патишта, Град Скопје има замерки околу тоа колку ќе бие безбедно да поминуваме низ три ленти, две од улица и една од метрото за да стигнеме до станицата. Ако земеме предвид дека за разлика од сегашните постојки, новите ќе бидат проретчени и ќе стојат на секои 500 метри, пешачењето ќе биде зачестено.

Ќе треба да го преместиме целото зеленило од жардињерите

Град Скопје под новото водство на Данела Арсовска реагираше и на уништувањето на сегашното зеленило кое треба допрва да се заменува со нови два дрвореди околу трасата на БРТ. Би биле уништени или преместени жардињерите на булеварите „Видое Смилевски Бато“, „Јане Сандански“, „Кузман Јосифовски-Питу“, „Кочо Рацин“ и „Партизански одреди“.

Со своја реакција излезе и здружението Зелен Хуман Град:

„Улицата Цветан Димов во Чаир ќе стане булевар со шест коловозни ленти. Колку здрави дрвја има на потегот кои ќе бидат исечени за потенцијалното пробивање на БРТ трасата? Колкугодишни се тие дрвја?“, напишаа уште летово на Фејсбук од ЗХГ.

Мостот Обединети Нации ќе треба дупло да се прошири

Најтешко можеби ќе биде кај мостот на Обединети Нации, којшто има само две ленти, кои сега ќе бидат резервирани за БРТ системот, па ќе треба да се додадат барем уште две ленти. Toa значи нов мост, нови потпори и веројатно посебен проект за таа точка.

„Мостот „Обединети нации“ е основната врска запад – исток. Овој мост не може да обезбеди доволен попречен профил кој би ги задоволил сообраќајните потреби и резервирана траса за БАС. Треба да се гради нов мост што е сериозна задача и од финансиска и од гледна точка на попречување на нормалниот живот во текот на изградбата“, пишува во студијата на „24 ИНГ“.

Како БРТ ќе се спои со меѓуградскиот сообраќај?

Нема да ѝ биде лесно ни на Железничката станица во Скопје. Таа ќе треба да биде спојна точка на БРТ со трасите на меѓуградските автобуси и идниот брз железнички транспорт, кој е во најава. Но, голем дел од автобусите доаѓаат од источниот влез на градот и преку булеварот „Александар Македонски“ во Гази Баба:

„За целосна реализација на предностите на БАС недостасува сообраќајна врска на депото/терминусот во Ново Лисиче со источниот влез во градот Скопје, односно булеварот „Александар Македонски“. Ова е сериозна пречка за примена на концептот „парк енд рајд“. … Поврзувањето со меѓуградски патен и железнички сообраќај е доведено во прашање заради градежни проблеми поврзани со постоење на подземни тунели и прашања за носивост на коловозот …“, се додава во нивното соопштение.

Поврзани содржини