БАРААТ СПАС ВО ВРАЌАЊЕ НА ГРУЕВСКИ ПО СЕКОЈА ЦЕНА! Претседателката на Врховен суд нема намера да се правда што им го расипала планот
Интервјуто на судијката Беса Адеми предизвикало голема нервоза во политичките кругови кои полагале надежи во обновувањето на аболицијата на Иванов, и евентуално отворање пат за враќање на Груевски, што пак се става во контекст на зголемување на можноста за да се реализираат уставните измени во Собранието. Дел од таа нервоза е и повикувањето на судијката Адеми пред Судскиот совет денеска да ги „објасни“ овие изјави за политички притисок врз Врховниот суд.
Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми нема да се појави во Судскиот совет, каде беше повикана поради реакциите во јавноста дека се вршат политички притисоци врз судиите. Причината што Адеми нема да биде присутна на денешната закажана работна средба во највисокото судско тело ја образложи преку соопштение.
– Во контекст на Вашата покана за работна средба на која би се елаборирале објавени написи во медиумите, потенцирам дека написите за состојбите во судството, вклучително и написите за потенцијални или присутни влијанија, треба да се вреднуваат како суштински придонес за независноста на судството, вели Адеми.
Според неа, тоа впрочем е и една од целите на заложбите за отвореното судство, но и на напорите за заштита на самостојноста и угледот на судството и за јакнењето на довербата на граѓаните кон судската власт.
Според неа, од особена важност е да се истакне дека за политичките влијанија и притисоци во судството, не се говори само во медиумските написи, туку и во релевантните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството.
Поканата за претседателката на Врховниот суд Беса Адеми за „сослушување“ пред Судскиот совет“ дојде како последица на интервјуто на Адеми за порталот Сдк.мк, во кое таа се пожали на политички притисоци од политички личности од извршната власт, пред сè за именување врховни судии, но и за носење конкретна одлука во врска со иницијативата за правно оценување на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, поднесена од адвокатот Миле Наумовски.
„Врховниот суд е под страшен политички притисок како знае и умее да ја оживее амнестијата на Ѓорге Иванов врз непостоечки член, за да се спаси Никола Груевски кој со измените на Кривичниот законик, не е доослободен комплетно. Им треба на некои партии да дојде тука за предизборни математики, а ослободувањето може да се случи само со начелен став од Врховниот суд, од кого се бара да си го погази зборот и да порекне дека аболицијата на Иванов била незаконска“ – се вели во интервјуто на СДК.мк со претседателката на судот Адеми.
Судијката Адеми во одговорот на прашање за оваа иницијатива вели дека и таа самата е плод на политички притисок.
„Вмешувањето на политиката во судството во нашата држава е присутна појава и тоа е веќе нотирано како проблем кој ја нарушува неговата независност. Факт е дека не се почитува уставното начело на поделба на власта. Постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти, поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт. Но ние како Врховен суд и како највисок суд во државата не дозволуваме и не смееме да дозволиме преку таквите обиди да се наруши независноста на судството и со тоа да падне неговиот углед, односно угледот и авторитетот на Врховниот суд. Не смееме да дозволиме политичките интереси да се кршат на грбот на судството“ – вели Адеми во интервјуто за Сдк.мк.
Ова интервју предизвикало голема нервоза во политичките кругови кои полагале надежи во обновувањето на аболицијата на Иванов, и евентуално отворање пат за враќање на Груевски, што пак се става во контекст на зголемување на можноста за да се реализираат уставните измени во Собранието. Дел од таа нервоза е и повикувањето на судијката Адеми пред Судскиот совет денеска да ги „објасни“ овие изјави за политички притисок врз Врховниот суд.
Дознаваме дека Адеми решила да излезе во јавноста со ова интервју токму за да го спречи притисокот од спомнатите политички кругови, а покрај тоа таа со истите поплаки се обратила до највисоките претставници на меѓународната заедница во земјава, што исто така имало ефект.
Наводно, за да не биде ставен Врховниот суд во улога да се негира себе си, или да даде негативно мислење за иницијативата за правно толкување на аболицијата на Иванов, најдено е „соломонско“ решение самиот адвокат и подносител Миле Наумовски да ја повлече. Како образложение тој наведува дека таа е беспредметна, со оглед на тоа што во меѓувреме се донесоа измени во Кривичниот законик, со кои „казните за овие дела биле значително намалени“, како што вели самиот пишман-подносител на иницијативата. Ова повлекување Врховниот суд на драга волја го прифатил и соопшти дека нема потреба да се расправа за иницијативата, која била токму повод за политички притисоци од извршната власт.
Од каде доаѓаат овие притисоци засега најотворено зборуваат партиите на опозицијата од албанскиот блок.
– ДУИ и одредени поединци кои се инсталирани во раководството на таа партија, продолжуваат да вршат невиден притисок врз судиите во овој суд. Ова е уште еден показател дека ДУИ не е заинтересирана за ЕУ и за уставните промени. Според наши информации деновиве се подготвуваат за ново барање до нов судија, за по секоја цена да се врати Груевски – изјави Изет Меџити, од новоформираното Демократско движење, минатата недела, непосредно пред интервјуто на судијката.
Неговиот соработник и од скоро коалициски партнер Африм Гаши, лидерот на Алтернатива, на прес-конференција вчера рече дека „не може да се нарекуваат европски, тие партии што чекаат спас од враќањето на Груевски“.
Објаснувајќи го името на новоформираниот „Европски сојуз за промени“ Гаши рече дека актуелната владина коалиција нема монопол и мандат да се претставува за европска.
– Граѓаните се тие кои ќе проценат кој е европски само по име, а кој е европски според посветеност, принципи и вредности. А ако зборуваме на тема монопол, нивниот единствен монопол може да биде корупцијата и криминалот, за што секако може да се гордеат. Како може да зборуваат со европски придавки тие кои се надеваат на спас од Никола Груевски – праша Гаши.