Барањата за поддршка на плати ја укочија исплатата на редовните плати пред Велигден

Од Управата за јавни приходи велат дека тековно оди работењето, но може да има мали застои поради исправки на МПИН пресметките.

620

Доставувањето барања за поддршка за плати за месеците февруари и март ги забави службите во Управата за јавни приходи па дел од фирмите кои редовно исплаќаат плата се жалат дека поради тоа долго чекаат на шалтерите и се загрижени дека нивните вработени нема да ги добијат платите пред празниците. Од УЈП велат дека приемот и обработката на платите оди тековно, но поради зголемен обем на пресметки може да има и застои.

Фирми и сметководствени куќи деновиве се жалат дека чекаат повеќе од една недела во Управата за јавни приходи за пресметка на платите.






– Вакви застои досега немало во УЈП. Не знам што се случува, но можно е нашите вработени да не добијат плата пред паразникот – велат од скопска фирма.

Од Управата за јавни приходи велат дека тековно оди работењето, но може да има мали застои поради исправки на МПИН пресметките.

– Приемот и обработката на МПИН пресметките функционира стандардно без застој, но поради зголемениот обем на пристигнати МПИН пресметки, односно повеќекратното испраќање на пресметките и исправки на МПИН од страна на фирмите, може да има мало задоцнување – велат од УЈП.

Од УЈП велат потврда за плата може да се добие и утре и другите денови бидејќи системот работи 24 часа.

Деновиве, сепак, е зголемен интензитетот во работењето на УЈП поради поднесувањето на барањата за финансиска поддршка за плати на фирмите кои не зедоа плата во февруари и во март.

До денеска, според податоците на УЈП, за финансиска поддршка за исплата на плати за февруари се доставени вкупно 11.615 барања, додека за март се доставени 11.177.

– УЈП ја потврдила комплетноста на барањата за февруари на вкупно 11.255 фирми и за март на 10. 844 барања – додаваат од таму.

Од УЈП велат дека секојдневно доставуваат налози за исплата на финансиската поддршка до Генералниот секретаријат на Владата.

– Досега се доставени налози за февруари за 5.305 работодавачи во кои се опфатени 29.831 работници, а за март се доставени налози за исплата за 4.835 работодавачи во кои се опфатени 26. 244 работници – велат од УЈП.

Поврзани содржини