„Бандитска“ МАНУ стратегија
Очекував стратегијата на МАНУ да содржи детална проценка на рудното богатство изразена во евра, јасни индикатори за странски инвестиции и број на нови работни места, визија дека Македонија може сама да произведува наместо да увезува, компарација со успешни примери (Канада, Австралија, Шведска, САД), современи рударски технологии со минимално влијание врз животната средина, примери на успешна рекултивација на почвата, современи системи за затворена циркулација на вода...
Да повторам: финалната верзија што ја издаде најплатената високообразовна институција МАНУ, за Геолошки истражувања и одржливо искористување на минерални суровини (рударство) во Македонија за периодот 2025–2045 година — особено во делот за металични богатства — со право ја нарекувам „бандитска“.
Затоа повторно апелирам до сите лидери на политички партии — и парламентарни и вонпарламентарни — да испратат јасна и недвосмислена порака до почитуваната г-ѓа Сања Божиновска, министер за енергетика, рударство и минерални суровини: ДА ЈА ОДБИЕ оваа стратегија, која во делот за металични и неметалични суровини нема допирна точка со реалноста.
Почитуваниот професор Звонимир Јанкуловски заклучува, а јас ќе додадам дека неговите зборови директно се однесуваат и на улогата на МАНУ во креирањето на стратегијата за рударство, стратегија од витално економско значење:
„Живееме во ера на дилетанти, кога мислењето на секого е исто толку добро како и мислењето на сите други. Тоа е рецептот за опскурантизам и ширење на незнаење. Македонија стана расадник на дилетанти. Ветена земја, плодна почва на која успева секој вид на дилетантизам.“
Со жалење потврдувам дека оваа дијагноза е точна. Анализирајќи ги првата и финалната верзија на стратегијата, може да се заклучи дека таа е навреда за интелигенцијата на сите технички образовани кадри.
За да ја коментирам финалната верзија, морам да образложам што значи таа во реалниот контекст. Наместо да одразува сложеност, опсежност и прецизност, таа покажува плиткост, кратковидост и отсуство на прогресивност и ефикасност.
Многумина ме прашуваат: што се екологисти?
Јас ќе одговорам од сопствена перспектива: не сум доктор по физикална медицина; не се кријам по пештери од страв дека сум злоупотребил пари од странски држави; не фрлам шут на земјоделски површини; не пишувам за медиуми што се против НАТО; не попречувам странски инвестиции; не водам етнички кампањи; не соработувам со измислени институти. Не сум книжевник, но ја имам прочитано „Како се калеше челикот“, иако со иронија очекувам ново дело насловено „Како се калемеше патлиџанот“, знам дека никој писател нема инспирација за тоа.
Но, затоа сум активен член на Здружението на металурзи. Повеќето мои колеги од факултет се на раководни позиции во индустријата. Најголемата поддршка добивам од Технолошко-металуршкиот факултет, каде стекнав образование и титула дипломиран инженер за екстрактивна металургија, со поддршка од институтите за екстракција и преработка, како и деканатот.
Очекував стратегијата да содржи:
– Рударството како темел на економскиот развој, со детална проценка на рудното богатство изразена во евра;
– Јасни индикатори за странски инвестиции и број на нови работни места;
– Препознавање на критичните метали од нашите рудници во согласност со европската стратегија;
– Визија дека Македонија може сама да произведува наместо да увезува;
– Компарација со успешни примери (Канада, Австралија, Шведска, САД);
– Историски преглед од Бакарниот и Бронзениот период до денес;
– Современи рударски технологии со минимално влијание врз животната средина;
– Примери на успешна рекултивација на почвата;
– Современи системи за затворена циркулација на вода;
– Придонес на рударството во БДП и директни инвестиции (пример: 30,7% во 2020 г.);
Итн.
Наместо тоа, двете верзии на стратегијата имаат една цел – исполнување на желби на поединци.
Ќе се осврнам на два аспекта:
Прво, се наведува дека постојат реализирани странски инвестиции. Но, во стратегијата се набројуваат само геолошки истражувања – тоа е само првиот чекор. Истражувањата не значат рудник. Рудник значи изградба, опрема, вработување, вложувања од стотици милиони евра и директен ефект врз макроекономијата и стабилизацијата на денарот.
Второ, „Паметно рударство“ завршува со точка: „Приватност на податоците“. Во рударството, приватноста важи само за почетните геолошки истражувања. Штом се добијат резултати, тие стануваат јавно достапни – како што веќе направија потенцијалните инвеститори за Иловица-Штука, Казандол и Генезис. Единствен исклучок се ретките метали од стратешко значење, кои државата може да ги класифицира како државна тајна.
За жал, авторот на оваа стратегија не разбира дека има луѓе кои читаат, размислуваат и се образовани. И тоа не може да го потисне ниту со „дворски игри“.
Г-дин Блажо Боев треба да сфати дека на другата страна стојат луѓе кои пишувале и одбрани дипломски работи, како мојата:
„Избор на оптимална пиро-хидрометалуршка постапка за валоризација на никел од секундарни суровини“.
Најавувам: во следната колумна, во делот „Приватност на податоците“, ќе изнесам конкретни податоци за периодот 2016–2025 година, со цел или да разоткријам лукративни комбинаторики, или да ја докажам тезата на проф. Јанкуловски: дека дилетанти навистина владеат со Македонија.