БАЛИЊАТА КАНАБИС КАМУФЛИРАНИ КАКО „КВАЛИТЕТНИ ЛЕСНИ ПЕРНИЦИ“ Се открива софистицираната мрежа за шверцот со марихуана
Перниците од фирма од Прилеп требало да патуваат за Манчестер, Англија, но во Свети Николе биле извадени од камионот и претоварени во друг, а првиот камион бил натоварен со кутиите марихуана, открива Код.
Софистициран канал за шверц на марихуана од Македонија кон Србија функционирал под маска на легална трговија со текстилна стока. Дрогата била пакувана во пратки декларирани како „квалитетни лесни перници“, со што се избегнувале детални проверки на граничните премини. На документацијата стоката изгледала како обичен производ со ниска вредност и безбедносен ризик, што им овозможувало на организаторите непречено да ја транспортираат, објави емисијата „Код“ на ТВ Телма.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против шест лица поврзани со околу петте тони марихуана пронајдени во Коњух, Србија, кои од земјава излегле преку граничниот премин „Табановце“.
Имено, според „Код“, марихуаната влегла во Србија во камион декларирана како „квалитетни лесни македонски перници од Прилеп“ кои „требало“ да патуваат за Манчестер, Англија. Перниците биле извадени од камионот и претоварени во друг, а првиот камион бил натоварен со кутиите марихуана. Возач на камионот бил Александар Ивановски, кој сега е притворен.
Според соопштението на Обвинителството, првоосомничен е сопственикот на скопската фирма „Алфафарм“, Предраг Брковиќ, кој заедно со други засега неидентификувани лица организирал набавка на марихуана и нејзино повеќекратно транспортирање од Македонија до Србија со товарни возила, со цел натамошна продажба.
Брковиќ, како што наведуваат од ОЈО ГОКК, им дал насоки на своите вработени за пакување на сув цвет од канабис во вкупна количина од 8.832 килограми, претходно набавен од фирмата „ЦБД Медплант“ од струмичкиот регион.
Во период од околу две недели биле спакувани над 200 кутии, по што првоосомничениот им одобрил колективен одмор на вработените. На 13 јануари 2026 година, во пладневните часови, двајца ортаци, од кои едниот осомничен во Република Северна Македонија, а другиот во Република Србија, организирале пренесување на поголема количина сув цвет од канабис со товарни и патнички возила од објектот на правното лице во Скопје до локација во атарот на Свети Николе.
Од Обвинителството информираат дека првоосомничениот, заедно со други неидентификувани лица, организирал кутиите да бидат натоварени во возилата и во два наврата пренесени до наведената локација.
Клучниот момент, според истрагата, е што товарното возило, кое првично било наменето за превоз на лесни перници, било испразнето и наместо перници во него биле натоварени кутиите со сув цвет од канабис. Од Свети Николе возилото се упатило кон граничниот премин „Табановце“ и ја напуштило државата, носејќи ја пратката кон Србија.
Истрагата е во тек, а Обвинителството најавува натамошни активности за целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста на сите инволвирани лица.