БАДИЈАЛА КАНДИДАТИТЕ СЕ ПОВЛЕКОА ОД ТРКАТА Во Могила и во Македонски Брод сепак ќе има втор круг

Како што велат од ДИК, законот не препознава откажување во оваа фаза и нивните имиња ќе останат на гласачките ливчиња.

758

Двајцата независни кандидати за градоначалници на Могила и Македонски Брод, кои обезбедија пласман во вториот круг од локалните избори, јавно се откажаа од понатамошната трка, но Државната изборна комисија (ДИК) појаснува дека тоа нема да го спречи изборниот процес.

Како што велат од ДИК, законот не препознава откажување во оваа фаза и нивните имиња ќе останат на гласачките ливчиња.






Станува збор за Сашо Пивковски, кандидат на група избирачи во Општина Могила, и Милосин Војнески, исто така независен кандидат во Македонски Брод. Двајцата преку објави на социјалните мрежи порачаа дека се повлекуваат од трката за да не поттикнуваат поделби во нивните општини.

И покрај овие јавни објави, кандидатите досега не доставиле никакво формално известување ниту до Државната, ниту до општинските изборни комисии.

Сепак, од ДИК се децидни дека дури и да го сторат тоа, повлекувањето е невозможно.

Ова значи дека во Могила и Македонски Брод регуларно ќе се одржи втор круг на гласање на 2 ноември, а гласачите ќе можат да гласаат и за кандидатите кои јавно се откажаа. И во двете општини во големо водство се кандидатите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини