ЈАЗИКОТ СЕ ПРЕЦИЗИРА БЕЗ НИКАКВИ ДОПОЛНУВАЊА Министерката за култура смета дека македонскиот јазик ќе биде службен во ЕУ
Јазикот кој се говори на сцените на македонските театри, кој се пее на концертните подиуми, на кој се пишуваат македонската проза и поезија, отсега па натаму не само што ќе биде заштитен туку ќе доживее и нова промоција, зашто допрва македонскиот збор ќе одекне во многу нови култури каде што досега многу малку допрел, истакна министерката.
На овој историски ден за Северна Македонија, кога се одржа првата Меѓувладина конференција со ЕУ со што се отвора процесот за прием на земјава во европското семејство, започнува и едно ново поглавје за македонскиот јазик, порача министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во Брисел.
– Јазикот кој се говори на сцените на македонските театри, кој се пее на концертните подиуми, на кој се пишуваат македонската проза и поезија, отсега па натаму не само што ќе биде заштитен туку ќе доживее и нова промоција, зашто допрва македонскиот збор ќе одекне во многу нови култури каде што досега многу малку допрел – истакна министерката.
Костадиновска-Стојчевска, како што соопшти Министерството за култура, посочила дека со почетокот на преговорите, јазикот, како темел на Македонците, се прецизира без никакви дополнувања и дообјаснувања. Со тоа се отвора вратата македонскиот јазик да стане еден од официјалните јазици на Европската Унија.
– Задоволството на овој ден е огромно, кога по 17 години носење тешки, важни, патриотски одлуки Република Северна Македонија и сите нејзини граѓани, без разлика на нивната етничка, верска или каква било друга припадност, се на вистинската страна. Северна Македонија природно, вредносно и цивилизациски припаѓа во европското семејство. Нашето место е во Европската Унија. Ние досега многупати докажавме дека сме партнер од доверба на Европската Унија – вели министерката.