ЈАЗИКОТ Е НАШАТА ЕДИНСТВЕНА ТАТКОВИНА 28 години од смртта на Блаже Конески
„Јазикот е нашата единствена татковина“, беше една од неговите најпознати реченици. Тој во кодификацијата се водел од принципите за јазикот кои претходно ги навестил преродбеникот Крсте Петков Мисирков во „За македонцките работи“.
Денеска навршуваат 28 години од смртта на Блаже Конески, човекот кој неуморно работеше да го осовремени македонскиот јазик и кој го кодифицираше по Втората Светска Војна. Творечкиот понор на Конески дал неповторлив белег во македонската поезија и литература, а научните истражувања ги насочил кон граматиката, но и кон културна историја на својот народ.
„Јазикот е нашата единствена татковина“, беше една од неговите најпознати реченици. Тој во кодификацијата се водел од принципите за јазикот кои претходно ги навестил преродбеникот Крсте Петков Мисирков во „За македонцките работи“.
Првото делот на Конески, поемата „Мостот“, ја објавил непосредно по војната во 1945 година, а потоа следуваат „Земјата и љубовта“, „Песни“, „Везилка“, „Лозје“, „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Светото на песната и легендата“ и други. Добитник е на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1981 година.
Од 4 јуни 1997 година Филолошкиот факултет во Скопје го носи неговото име.
Блаже Конески е роден во селото Небрегово, Прилепско, на 19 декември 1921 година. Годинава со повеќе настани беше одбележана 100-годишнината од неговото раѓање, а 19 декември воедно е и на списокот на значајни јубилеи на УНЕСКО кои се одбележуваат во 2021 година.
„Со неговата „Граматика на македонскиот литературен јазик“, заедно со останатите македонски лингвисти, учествуваше во кодификацијата на македонскиот јазик донесена во спроведувањето на одлуката на Првото заседание на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен во новоформираната македонска држава“, напиша утринава на својот фејсбук-профил премиерот Зоран Заев.