АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД БИЛ ПРОЕКТИРАН БЕЗ БАНКИНИ Николоски откри дека државата ќе плати 37 милиони евра за „заборавените“ елементи

Министерот тврди дека во проектот недостасувале банкини, огради и клучки, поради што државата мора да одвои дополнителни милиони.

4

Министерот за транспорт Александар Николоски вечерва изјави дека во проектот за автопатот Кичево–Охрид биле изоставени клучни безбедносни елементи, меѓу кои и еластичната ограда, позната како банкина.

Во интервју за 360 степени на Македонска радио-телевизија, Николоски посочи дека токму поради ваквите пропусти Собранието го продолжило рокот за доизградба на автопатот и одобрило дополнителни средства.






– Дали на кого било му се верува дека во проектот беше изоставена, не сакам да употребам друг збор, еластична ограда или кај народот позната како банкина? Беше изоставена жичена ограда на автопатот и беше изоставена жичена ограда што се става на косините. Изоставени се клучни елементи – рече Николоски.

Според него, дополнителните 186 милиони евра се наменети за галериите, недостасувачките банкини и клучките, а пролонгирањето произлегува од затекнати технички пропусти, финансиски потреби и потребата од административно запишување на објектот.

Министерот како еден од најголемите парадокси го посочи токму недостигот на безбедносна опрема.

– Тоа државата ќе ја чини дополнителни 37 милиони евра, затоа што едноставно на почетокот не биле предвидени – нагласи тој.

Николоски додаде дека во проектот не биле предвидени ниту влезно-излезни клучки, ниту паралелни патишта — стандарден услов за обезбедување алтернативна рута без патарина. Дополнителен предизвик, како што рече, се и свлечиштата, поради што е предвидена изградба на 14 галерии долж трасата.

И покрај новиот законски рок, министерот уверува дека градбата ќе заврши во планираниот термин.

– Рокот останува 31.12.2026 година и успеавме да се договориме со изведувачот да се откаже од сите отштетни побарувања до тогаш, што значи дека државата нема да плати денар повеќе од предвиденото – истакна Николоски.

Тој објасни дека дополнителните пет месеци се дадени за премери и комисиски проверки, со цел автопатот конечно да се запише и да добие употребна дозвола.

Николоски оцени дека проектот и понатаму е финансиски поповолен од поновите договори за други патни коридори.

– Просечната цена по километар за Кичево-Охрид изнесува околу 13,5 милиони евра, што е помалку во споредба со просекот од 16 милиони евра кај договорот со „Бехтел и Енка“ или предвидените 20 милиони евра по километар за делниците Кичево-Букојчани и Скопје-Блаце – рече министерот.

Поврзани содржини