АВТОБУСКО МЕТРО ИЛИ 250 НОВИ ЕКО-АВТОБУСИ? Градоначалничката Данела Арсовска најавува референдум

2,893

Дали граѓаните на Скопје на референдум ќе решаваат дали се за проектот „Автобуско метро“ односно „Бас рапид транзит“ (БРТ) или за купување 250 нови еко-автобуси?

Судејќи според она што таа го кажа вечерва во емисијата  „Само интервју“ на Канал 5 ТВ, не е исклучена можноста прв пат после долго време скопјани за едно важно прашање за животот во градот да решаваат по пат на непосредно изјаснување.






Проектот „Автобуско метро“ почна да го подготвува градоначалникот Петре Шилегов, но тој ги изгуби локалните озбори. Арсовска го критикуваше неговиот проект како скап и неодржлив. Во емисијата „Само интервју“ таа ги повтори најважните аргументи против овој проект и повтори дека останува на идејата за набавка на нови 250 еко-автобуси.

Но, Арсовска е спремна одлуката да им ја препушти на граѓаните. Вечерва детаљи за нејзиниот настап на Канал 5 официјално соопшти и прес-службата на Град Скопје.

– За БРТ превозот не постои ниту презентација пред Советот на град Скопје, а и одлука на Совет на Град Скопје, а тие се претставниците на граѓаните во градот. Презеле обврска дека ќе потрошат 70 милиони евра, а Советот не донел одлука – изјавила градоначалничката Арсовска, додавајќи дека ниту скопјани се прашани, ниту запознаени за истото.

– Немам намера да правам нешто без да ги консултирам скопјани, бидејќи тие не се консултирани за решението БРТ. Во 2017 некој имаше кампања за трамвај која во 2019 премина во БРТ. Во самите анализи кои се нарачани од градот Скопје се кажува дека за граѓаните овој проект е непознат и не знаат што ќе донесе овој проект – рекла Арсовска.

Таа додала дека постојат и ризици од овој проект и граѓаните треба да знаат зошто БРТ не е најдобро решение.

– Ризици се како отстранувањето на средишното  зеленило од Партизанска, но поголем ризик е што под тоа зеленило се наоѓа главната водоинсталација за питка вода за Скопје. Дали скопјани биле запознаени дека треба да се гради нов мост кај мостот Обединети Нации и истото не вкалкулирано во буџетот од 70 милиони евра и дека новиот мост ќе е сериозна задача од финансиска гледна точка детектирано е но и од нормалниот живот. И тоа е дополнителен трошок од над 6 милиони евра – рекла Арсовска.

Според неа, чесно е да се презентираат овие работи пред скопјани и да одлучат дали е ова добро решение за нив.

– Јас понудив концепт за кој граѓаните се решија, но и спомнав референдум. Има многу напади секојдневно и закани, но немам намера да потклекнам пред истите. Референдум е една од опциите кои може да се понудат дали граѓаните сакаат едно или друго решение. Референдумот како опција и треба да се практикува за решенија како што е БРТ кое ќе го оптовари буџетот на државата за 70 милиони евра – нагласила Арсовска

 

Поврзани содржини