АВТОБУСИТЕ СЕ „ЧЕСТИ“ КАКО СЕКОЈ ДЕН ДА Е ДРЖАВЕН ПРАЗНИК Ѓорѓиевски уверува дека ќе се решат проблемите во Скопје
Секој градоначалник, кога ја добива таа позиција од граѓаните, има обврска да работи и да решава проблеми, а не да се користи со закани, бојкоти или да хибернира, нешто што за жал, токму сега го гледаме во Скопје. Затоа, се залагам за законско решение кое ќе овозможи предвремено отповикување на секој градоначалник кој не си ја врши својата работа, вели градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, кој е и претседател на ЗЕЛС во интервју за МКД.мк.
Нема да дозволам никакви политички злоупотреби на ЗЕЛС. Како претседател, сум бил во ситуација кога немав добра соработка со одредени министри од претходната власт, но никогаш не ја злоупотребив позицијата ниту пак помислив на бојкот или на напуштање на оваа асоцијација, вели во интервјуто за МКД.мк градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, кој е и претседател на ЗЕЛС.
– Верувам дека само преку отворен дијалог и конструктивна комуникација можеме да ги надминеме сите предизвици, а овие последни политички турбуленции го потврдија токму тоа. И двајцата градоначалници кои најавија напуштање на ЗЕЛС изјавија дека немаат проблем со институцијата ниту со мене лично, и по остварените средби кажаа дека остануваат дел од нашата заедница. Секој градоначалник, кога ја добива таа позиција од граѓаните, има обврска да работи и да решава проблеми, а не да се користи со закани, бојкоти или да хибернира, нешто што за жал, токму сега го гледаме во Скопје. Затоа, се залагам за законско решение кое ќе овозможи предвремено отповикување на секој градоначалник кој не си ја врши својата работа, бидејќи интересите на граѓаните мора да се стават на прво место – вели Ѓорѓиевски.
Тој не ја крие амбицијата да влезе во трка за иден градоначалник на Град Скопје и вели дека би бил посветен градоначалник на Скопје бидејќи не се плаши од работа.
– Секако, тоа зависи од повеќе фактори – нашата политичка партија секако ќе има анкети, тука се и телата на партијата и нормално граѓаните доколку одлучат, со задоволство би го прифатил предизвикот.
Да се биде на чело на Град Скопје прво е чест, а потоа и сериозна обврска која за жал, овој актуелен градоначалник ја испушти приликата да се докаже. Видете, на Скопје најпрво и најитно му треба средување на овој хаос во кој се наоѓа. Скопјани се дават во ѓубре, а да не зборуваме за градскиот превоз кој го има толку „често” како секој ден да е државен празник. До мене секој ден пристигнуваат поплаки за ретките автобуски линии, за тоа како луѓето доцнат на работа, а учениците во школо, но за жал од оваа позиција немоќен сум да променам нешто во тој дел.
Во Скопје огромен проблем е и сообраќајниот хаос. Нехумано е граѓаните да патуваат дури по два часа од своето работно место до дома, а вистинската голгота се случува наутро и после 16 часот. За тоа, има решение. Со десеттина кружни текови на клучни места значително би се релаксирал сообраќајот, а со тоа и нервозата на граѓаните кои како превозно средство го користат автомобилот. Потоа, на Скопје му треба и градски воз, проект за кој разговаравме лично со министерот за транспорт и врски Александар Николоски и има сериозни намери да го реализира во соработка со градската власт.
Со искористување на постојната железничка инфраструктура и возови во Скопје, можеби и нова за поврзување и со аеродромот, граѓаните од населбите кои се подалеку би имале можност и на ваков начин побрзо да стигнат до центарот на градот. На пример, од Драчево до железничката станица во Скопје се стигнува за некои 7-8 минути и тоа би било одлично решение ем за намалување на сообраќајниот хаос, ем за побрзо патување од една до друга точка – вели градоначалникот на Кисела Вода.
Ѓорѓиевски размислува и за подземна патна мрежа со која би се затворила улицата кај „Рекорд“ и би се преадаптирала во шеталиште, како и проект за Скопското кале кое сега е запуштено и е лоша слика за туристите.