Јавниот збор како јавен срам

545

Во нашата апсолутна анонимност меѓу современите држави (не само) на планот на културните, научните, образовните, спортските и други постигнувања, во оваа технолошка и AI ера единствениот канал на комуникација со светот ни преостана само живиот збор, зборот на оние официјални личности избрани (или „избрани“, како сакате) да ја претставуваат земјата, но и нас, пред другите. Нивниот жив збор на важните светски форуми и јавни настапи, којшто барем донекаде би ги прикажал реалните состојби и дилеми во земјата, веќе отворените сомнежи на голем дел од македонските граѓанин за поддршката на светските институции, за културните, јазичните и идентитетските „проблеми“, за масовниот одлив на младата популација…

Или македонското државно раководство мисли дека светот баш и не сака да слуша трогателни современи тажаленки туку повеќе му се допаѓа квази-интернационалниот „јазик“ како сите се бориме со климатските промени, ја практикуваме демократијата, навиваме за Украина и бараме руски шпиони, го фаворизираме мултикултурализмот…? Без оглед што во нашето секојдневие – освен можеби само во нивните кошмарни соништа – таква пракса не постои, а најмалку она што се нарекува демократски амбиент, грижа за животната средина, култура на однесување, парламентаризам и владеење на правото, мулти наместо бикултурализам…?






Нивната идеја и познавања за/на светската политичка сцена и неопходноста за смело, одважно реторичко сведоштво за актуелниот миг, е сведено на нивното лакрдијашко локално пелтечење насочено кон ушите на нивното партиско членство и приврзаниците. Нивниот свет почнува и завршува во нивната „малост“, во нелагодната теснотија на провинциските им умови и неможноста да ја дофатат широчината на универзалниот дух на политиката. Оттука и секое нивно јавно појавување пред домашната и светската јавност се доживува како страотно фијаско, како некое „бившо време“ и соцреалистичко пљампање само колку нешто да се каже.

Затоа и таквото претставување на македонската држава на меѓународната сцена треба да се забрани, дури и со закон, барем за догледно време. Особено во вакви клучни времиња. Впрочем и мнозинството граѓани најчесто го посакува токму тоа: нејзините официјални претставници не само да научат да одмолчат туку конечно да замолчат, да престанат да нѐ претставуваат пред светската јавност и форуми на начинот на којшто тоа со години го прават. Особено „нашите“ наводни претставници последниве петнаесетина години, бидејќи најчесто не говорат во нашето име, не умеат да ги застапуваат интересите на македонскиот граѓанин, не се способни да ја претставуваат државата и нејзините објективни стремежи и надежи…

И не се тоа само првични впечатоци или одгласи од последната сесија на Обединетите нации, ниту пак е тоа само некаква субјективна импресија по споредувањето со обраќањата на други регионални и светски државници. Тоа нивно појавување е само континуитет на неразбирлива понизност, на немушт говор и политикантско пелтечење, на постојано барање алиби за некои состојби во исклучиво нивна надлежност. Од друга страна, нивната глума пред светот дека ништо симптоматично не се случува во земјава, дека ние сите сме здружени рака во рака во реализиацијата на нивните (малоумни) идеи веќе никого не може да прелаже.

Не може зашто познати се нивните денунцијантски поткажувања и обвинувањата на локалната опозиција и некакви фантомски групи и поединци за сѐ лошо што се случува во/со државата. Поточно, обвинувања на сите кои не мислат како нив, кои не се неуки и неспособни и кои инсистираат на демократски реформи, на современ третман и претставување на државата, на рамноправност во меѓународните односи, реципроцитет во политиките со соседите итн.

Ние одамна немаме што да му кажеме на светот, но и тоа малку што евентуално може да ја смени меѓународната перцепција за Македонија „избраниците“ не само што не умеат да го соопштат туку кај нив веќе се очигледни и вазалскиот страв, провинцијализмот, комплексот на „малост“ што сакаат да го прикријат со „мудрувањето“ за светски теми итн. А сето тоа, во голем дел, придонесува и за елементи на сугестивна автоцензура, на примена на т.н. „староговор“ од времето на комунизмот („некој“, „некои“, „непријателски сили“ и др.) што од нив прави вистински кловнови во домашната и меѓународната политика.

Или, ако сакате, кога претседателот на државата, среде Њујорк и Обединетите нации, вели дека ние најостро ја осудуваме агресијата врз Украина и се залагаме за почитување на украинскиот суверенитет и територијален интегритет, не мисли ли дека светот сака да слушне нешто и за македонскиот суверенитет и интегритет денес, во времето на евроинтегративниот процес, а особено во светлината на „Преспанскиот договор“?

Или, кога се повикува на Повелбата на Светската асамблеја дека „сите отворени прашања каде било во светот мора да се решаваат по мирен пат, со преговори и дијалог, со одрекување на употребата на сила“, зарем не треба светот да слушне и за состојбите во оваа сфера во Македонија (повторно) во времето на евроинтеграциите? И да праша дали тоа ни е и нам дозволено!?

Зашто, ако веќе бараме „да се почитува Повелбата на Обединетите нации, тргнувајќи од независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на државите, како темелен принцип (…)“, како е можно да не се каже ниту збор за (не)примената на тој принцип во релациите на Северна Македонија и ЕУ? И како можат така јавно и гласно да се одмолчат и другите темелни принципи на ОН за културниот, идентитетскиот, јазичниот интегритет на земјите членки и нивното отворено негирање во нашиот случај?

И зошто „ние мора да дејствуваме заедно во интерес на мирот, стабилноста и просперитетот на сегашните и идни генерации“ во целиот свет но не и на нашите генерации? Нашите генерации се помалку вредни од другите, тие не треба да имаат иднина и просперитет, не треба да живеат во мирни, стабилни и просперитетни држави? Или тој мир, стабилност и просперитет кај нас единствено го нарушуваат политичката опозиција, руските шпиуни и оние фантомски групи и поединци со различно мислење од него?

А во оваа насока можеби требаше токму пред ОН да објасни зошто онака експресно ги потпишува сите закони спротивни на здравиот ум, јавноста и волјата на граѓаните, меѓу нив и оној за измените на Казнениот законик (на коишто, патем, се противи и ЕУ)? Зошто мисли дека тој светски форум не би сакал да слушне две-три реченици и за тоа односно за „владеењето“ на правото во оваа земја? А во тој контекст, зарем некој сѐ уште верува дека ова што ние денес го правиме е „негување на културата на дијалог при решавање на проблемите на внатрешен план, но и во односите со соседите“?

Или кога премиерот јавно ја руга земјата за некакви „остатоци од комунистичкиот режим“, зарем сериозно мисли дека интелектуално го импресионира светот, а не гледа дека всушност се претставува себеси токму како ноторен изданок на тој „режим“? Или сите оние насилнички јавни „обраќања“ и „реплики“ на претседателот на парламентот (малите букви се одраз на нивниот реален рејтинг во државава!) некој и понатаму ги третира како форма на демократски говор а не говор на омраза кон сѐ што е различно од дотичниот?

Ваквите типични рецидиви на ригиден староговор не се ништо друго туку израз на малост, на салонска провинциска „реторика“ одамна напуштена, дури омразена не само во некогашните земји зад „железната завеса“. Денес во светот владее правилото: или имаш што да кажеш или – молчи!

Но нашиве никако да замолчат. Тие веројатно сериозно мислат дека светот баш запнал да го слушне нивното мислење за климатските промени и војната во Украина, иако не кажуваат ни збор како таа војна ја искористија за воведување енергетски и ценовен хаос во земјава во интерес на неколкумина овдешни олигарси. А причината за македонскиот дел од стравот како „заеднички именител на емоционалната состојба на човештвото денес“ е токму стравот од неуко и неспособно државно раководство од чии сегашни и идни постапки (веќе) буквално ни зависи животот. Токму затоа кај нас одамна „глобално врие“, замо слепциве ни тоа не можат да го видат!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини