Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осудува недоличното и вулгарно однесување на претседателот на политичката партија ГРОМ кон новинарот на ТВ 24 Горазд Чомовски.
– Медиумите се чувари на јавниот интерес и креатори на јавната свест и како такви, ослободени од закани и од притисоци, мора да им се овозможи непречено да си ја извршуваат својата работа. Сите, а особено политичарите, треба да бидат свесни за тежината на јавно искажаниот збор и да покажат највисоко ниво на почитување на новинарската професија и на слободата на информирање – велат од АВМУ.
Агенцијата повикува да запрат сите форми на омаловажување и вербални навреди врз новинари и апелира да се почитува достоинството на новинарската професија и личното достоинство на медиумските професионалци.