АВИОСООБРАЌАЈОТ Е БЕЗБЕДЕН, СЕ САНИРА ДЕФЕКТОТ Од М-НАВ велат дека се работи на радарската глава Алениа – Бањски Рид

Во моментов нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на воздушниот сообраќај на Скопскиот аеродром. Единствена промена е регулацијата на бројот на авиони кои можат да се опслужат на еден час. И така ќе биде додека не се санира дефектот на радарската глава, велат од М-НАВ.

67

Се работи на отстранување на дефектот на еден од радарите на Меѓународниот аеродром Скопје и во моментов тоа нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на авиосообраќајот, велат од М-НАВ за МИА.

– Стапено е директно во контакт со производителот и дозволен е онлајн пристап до уредот за да се направи дијагностика од производителот и да дадат предлози и поддршка за решавање на проблемот. М-НАВ воедно, вонредно ги ангажира своите стручни лица со цел што побрзо враќање во употреба на радарската глава Алениа – Бањски Рид – вели директорот на М-НАВ и претседател на Управниот одбор Владимир Ристески.






Тој појаснува дека М-НАВ располага со три радарски глави. Една покрај Охридскиот аеродром и две на Скопскиот аеродром. Едната на Скопскиот аеродром е во моментов со технички дефект којшто е детектиран и се работи на негово отстранување.

– Ваквите технички дефекти од електронска природа се нормални појави во авијација и кога се случуваат има предвидено соодветни безбедносни процедури во работата со цел да се продолжи со давање услуги кон авио-компаниите во такви околности. М-НАВ ги применува токму тие процедури и во моментов нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на воздушниот сообраќај на Скопскиот аеродром. Единствена промена е регулацијата на бројот на авиони кои можат да се опслужат на еден час. Овие регулации ќе останат во сила сѐ до отстранување на дефектот на радарската глава – вели Ристески.

Претходно, медиумите објавија дека еден од радарите на Скопскиот аеродром не е во функција.

Поврзани содржини