Aut EU aut nihil
За најголем дел од нашите еу-насилници, камуфлирани во „ЕУ борци“ контра патриотизмот, националното, етничкото… мотото на Cesare Borgia од насловот е ѕвезда водилка на нивниот пат кон ЕУ.
Во македонскиот политички котел, зовриен наводно пред конечната (?) разврска на фарсата викана „Патешествие во ЕУ“, гледано вака од страна, се препознаваат две дефинирани струи: евроскептична и евросилеџиска.
И тука не се подразбираат и политичките партии како експоненти на одделни политики „за“ и/или „против“, бидејќи тие имат свои агенди, главно лукративни: тие се одлично платени за своите улоги, па човек дури може и да ги разбере – тие континуирано си работат во полза на сопствените интереси, а на штета на општите. И тоа се однесува главно на двете страни, се разбира, коишто нагалено сакаат да си се викаат власт и опозиција. А не се ни едното ниту другото.
Впрочем, зарем во која и да ѐ и каква и да ѐ друга политичка констелација, тие би можеле да бидат некакви влијателни фигури во една нормална држава? И да се смеат на „шегите“ на „шармантниот“ Еди, на „цврстиот“ Макрон, „влијателниот“ Шолц…?
Но затоа, тука се нашине „независни“ политикантски „мудреци“ од квази-интелектуалната експертска и професорска провениенција во таборот на евронасилниците, сега нешто вознемирени, унервозени и узјогунети пред разрешницата генерално викана „Aut EU aut nihil“, а нагалено македонско-бугарски „спор“. Ги мачи, веројатно, тоа што тие недоволно тоест нецелосно ги исполниле превземените обврски кон газдите – кои и да се – што пак неизоставно ги разнишува и нивните абонентски позиции. Зашто, јавноста одамна веќе ништо не им верува, ги има за мајтап, потсмев.
Само пред три дена, еден таков нѐ убедуваше дека конечно Европа е на наша страна и врши притисок врз Бугарија. А веднаш потоа, бум: „планот“ на Паташон! Просто не знаеш кој е поголем циркузант!
Затоа, сега, еве нов бран евросилеџиство, притисоци и убедувања, укажувања на нашата малост и безначајност во регионални и европски рамки, обиди за минирање и на оние ситни наши придобивки кон враќањето на достоинството и на самопочитта. А зад главните манипулаторски експоненти се влече и една чета третокласни приучени подлизурковци, со некакви свои агенди или новополитички аспирации, кои упорно сите други сакаат да ги сместат меѓу оние кои историчарот Литовски ги нарекува „народ на заборавот“, па нѐ караат дека сме хистерични и заблудени, дека робуваме на некакви „наши вистини“ и слични будалаштини. Дури и дека не сме пораснати, по ѓаволите. Ама тие – се. Пораснати, во амбициите.
А нивниот ангажман, као случајно, баш во полза на разврските на штета на државата, а како единствено можно решение за нашите евроинтеграции. Што ќе рече – уште да си ја одгриземе главата!
И сето тоа во фокусот на нивните дилетантски глобалнополитички толкувања – оние од типот на „ние-Украина-Бугарија-Венецуела-Кипар“ божемни релации – па дека целото ова замешателство со љубимиот им Макрон и Петков е во рамките на европските регулативи, па дека ние сме само некакво „лево сметало“ во оваа европска сага…
Од гледањето кон европските „лидери“, не гледаат што им се случува во земјата. Впрочем, факт е дека нивните „анализи“ по правило завршуваат во локалната септичка јама викана македонска политикантска смрдлива дупка. За најголем дел од овие еунасилници камуфлирани во „ЕУ борци“ контра патриотизмот, националното, етничкото… мотото на Cesare Borgia од насловот е ѕвезда водилка на нивниот пат кон ЕУ.
Забораваат дека ова мото, оваа фраза има и друго толкување, она на Кјеркегор за „смртната болест“, односно за очајот што оди рака под рака со маката, со патењето, а заради неможноста, неспособноста да се биде баш Цезар. Нивното его е толкаво што не може да види дека повеќе наликуваат Чаплиновиот Хинкел во „Големиот диктатор“ отколку на големиот Цезар!
Но, тие се, изгледа, неизбежниот фолклор камуфлиран во ЕУ гашти, подметнат овде да буричка, да прави штета, да внесува смут. Во чија полза? Па и тоа ќе се види, наскоро.
Но, врз сиот овој жовијален циркус, во вистински избраниот момент, се појавуваат и оние покрупни „ѕверки“ со препознатливиот ex cathedra „стил“, кои веќе сплетената ЕУ-мрежа ја зајакнуваат по сите краишта со драматично-бомбастични „експозеа“, поентирајќи дека сега нам ни е редот да попуштиме во „спорот“.
Како да имаме каде да „попуштаме“, но тие ќе ни понудат готов рецепт: во Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции!
Тие секогаш имаат спремни рецепти, како во она мало шишенце што Борџиите го криеле во ракавот, она од прекрасно муранско стакло, но со најотровната течност на светот. Делува мигновено, и сигурно. Исто како самиот да си ја одгризеш главата.
Но, ова не е првпат, нема да биде ни последен за такви самоубиствени предлози. Ако го преживееме ова што сега ни се сервира, се разбира.
Зашто, дури и наспроти сѐ, дури и, на пример, едногласноста на партиите – па нека е и привидна! – за македонскиот идентитет и јазик како неприкосновена реалност за којашто не смее да се преговара, за наследството од претходните генерации како некаков аманет за идните, грижата за традициите и етнокултурната посебност… дури сето она во спомнатата Резолуција да е романтичен излив на патриотизам, секогаш (ќе) има и такви луѓе кои (ќе) бараат (и) од тоа да се откажеме!
(Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com)