Аудио-снимки откриваат како Ден Дончев го координира рекетарскиот притисок врз „Диамед“, а Заев дава „пас“ за тоа!
Едно видео, на кое поранешниот директор на Фондот за здравство, Ден Дончев, е снимен со купче пари в раце на засега непозната локација, како и три аудио-снимки поврзани со рекетирањето на фирмата „Диамед“, се објавени на Јутјуб каналот „Лепливи раце“.
Од аудио-снимките се слуша како доскорешиот директор на Фондот за здравство, Ден Дончев, се фали дека е во постојана комуникација со директорот на финансиското разузнавање Блажо Трендафилов. Дончев тврди дека Блажо Трендафилов му бил близок пријател на Зоран Заев.
Во разговорите се слушаат детаљи за тоа како Дончев го менаџира обидот да се одврати шведската компанија „Диаверум“ од купувањето на компанијата „Диамед“.
Како што пишуваше Плусинфо, во кривичната пријава на Вера Иванова, сопственичката на фирмата која поседуваше лиценца за третман на дијализно болни лица, се тврди дека Дончев и министерот за здравство Венко Филипче со писмени дописи вршеле притисок врз шведската компанија „Диаверум“ да се откажат од купувањето на „Диамед“, фирмата од која, според проширената кривична пријава, Дончев наплаќал дебел рекет.
Во снимките се слуша директна потврда за овие наводи и резолутно тврдење на Дончев дека ги пишува писмата. „Јас, не Венко, јас“, се фали Ден Дончев, иако на писмото што веќе го објави Плусинфо е потпишан Филипче.
Не е познато со кого зборува тој, но од една куса неразбирлива реплика на соговорникот, се добива впечаток дека од другата страна на линијата е лично Венко Филипче. Сепак, таа претпоставка допрва треба да се потврди или да се отфрли.
Во снимките, покрај Блажо Трендафилов и Венко Филипче, се спомнуваат уште три лица: Зоран Заев, адвокатот Филип Медарски и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.
Дончев на соговорникот му вели дека од Зоран Заев добил „пас“ да пуштат полиција, со што упатува на директна вмешаност на поранешниот премиер во аферата во јавноста наречена „Рекет 2“.
Медарски во приказната го прави нервозен Ден Дончев. „Го имаат фатено Медарски од другата страна, со цел да имаат влијание кај премиерот“. Во снимката Медарски се спомнува во позитивен контекст, што не може да се каже и за поранешниот министер Никола Тодоров, кој, ако добро се разбира контекстот, е стокмен за сведок за тендерот за концесијата за дијализа, со задача да каже дека бил злоупотребен од Никола Груевски. Како што е познато, тоа не се случи.
Овие снимки содржат наводи кои се експлицитна потврда на сите написи што Плусинфо ги објави за рекетирањето на фирмата „Диамед“. Ден Дончев си поднесе оставка пред неполн месец, наводно поради здравствени причини. Објавените снимки од Јутјуб каналот „Лепливи раце“ покажуваат нешто друго.
Во очекување сме на реакции од засегнатите, но и од политичките партии кои се во предизборна кампања.