ЈАСНО Е ДЕКА КУМАНОВЦИ САКААТ ДА ГО ВОДАМ ГРАДОТ УШТЕ ЕДЕН МАНДАТ Димитриевски очекува гласови од сите етнички заедници
Не е пресудно за предност, кој колку ќе биде поприсутен во медиумите, туку колку бил ефикасен во текот на својот мандат, вели актуелниот градоначалник на Куманово.
Кандидатот за градоначалник на Куманово и лидер на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитириевски оцени дека по првиот круг на изборите очигледна е волјата на кумановци тој да продолжи да го води градот уште еден мандат.
Во настап на емисијата 360 степени на МТВ Димитриевски потсети дека разликата во освоените гласови помеѓу него и второпласираниот кандидат е поголема од 10 илјади.
Во вториот круг Димитриевски очекува поддршка од сите гласачи.
– Јас се обраќам кон сите и не ги делам гласачите ниту по партиска, ниту по етничка, ниту по верска основа. А, никогаш тоа и не сум го правел. Затоа во рамките на поддршката што сум ја добивал секогаш имало гласови од сите етнички заедници, но и од останати партии. Впрочем тоа го имаше и при изборите во мојот прв и втор мандат, а и при гласањето на 19 октомври на овие избори – нагласи Димитриевски.
Во минатите осум години, вели тој, еднакво работел и во македонски и во албански и во српски и во ромски средини. Затоа смета дека не е пресудно за предност, кој колку ќе биде поприсутен во медиумите, туку колку бил ефикасен во текот на својот мандат.
– Кога одам во град ми велат – работиш повеќе во село, кога одам во село – ми велат работиш повеќе во приградски населби. Таму пак, сметаат дека повеќе вложувам во градот. Кај Албанците се има впечаток – дека повеќе работам кај Македонците, Македонците сметаат обратно – дека повеќе работам кај Албанците, истата приказна е и кај Ромите. Но, на крајот сите велат едно исто – дека работам – порача Максим Димитриевски.