Јасна порака од САД и ЕУ до Заев и до Мицкоски – нема уцени, нема „автоматски“ избори, дискутирајте, мислете на здравјето на луѓето и презакажете ги изборите час поскоро!

17,555

Не е новина ставот на американската амбасадорка Кејт Брнз дека во Македонија „се потребни целосно овластена влада и функционален парламент веднаш штом дозволат условите“. Одлуката за свикување вонредни парламентарни избори на 12 април беше предизвикана од своевидна политичка криза во најава, а смислата на свикување нова изборна трка беше токму неопходноста да добиеме нов, функционален парламент и целосно овластена, политичка влада.

Тоа никој не го спори. Да не заборавиме, одлуката за вонредните избори беше донесена со консензус и поддржана од меѓународниот фактор. Би било далеку од разумот таа одлука да ја спори кој било, а најмалку САД, нашиот најверен и најмоќен политички сојузник.






Новина е ставот на амбасадорката Брнз дека изборите треба да се одржат „веднаш штом дозволат условите“. Што сака да ни каже со тоа дипломатската претставничка на Вашингтон?

Госпоѓата Брнз за порталот 360 степени дала прецизна изјава, која не остава простор за лажни толкувања. Таа вели, цитирам:

„Од перспектива на САД, разумно е да се очекува избори да се одржат веднаш штом дозволат условите, имајќи ги на ум здравјето и благосостојбата и на гласачите и на членовите на избирачките одбори.

Разумно е да се очекува избори да се одржат веднаш штом дозволат условите, имајќи ги на ум здравјето и благостостојбата и на гласачите и на членовите на избирачките одбори.

Кејт Брнз Амбасадорка на САД

Ние не предвидуваме нова политичка криза. Моментално има техничка влада. Оваа влада требаше да биде на власт во ограничен период пред да се одржат избори. Невидена меѓународна пандемија принуди одлагање на оригиналниот датум се додека условите дозволат изборите да се презакажат. Техничката влада има ограничен мандат и нема функционален парламент. Потребни се целосно овластена влада и функционален парламент веднаш штом дозволат условите“.

Да ја расчлениме оваа изјава на нејзините основни премиси:

Прво, од перспективата на САД, вели Брнз, разумно е изборите да се одржат „веднаш штом дозволат условите, имајќи ги на ум здравјето и благосостојбата и на гласачите и на членовите на избирачките одбори“. Значи, да бидеме на јасно – амбасадорката, претставувајќи ја американската администрација, вели дека е разумно да се мисли на изборите имајќи ги предвид пред се здравјето и благосостојбата на гласачите и на членовите на избирачките одбори. Тоа е многу прецизно и многу цврсто дефиниран приориотет, кој целосно се совпаѓа со мислењето на сите разумни политичари и јавни личности, кои велат дека здравјето на луѓето мора да биде на прво место.

Второ, паѓа во вода изјавата на Зоран Заев и на луѓето од раководството на СДСМ дека ако изборите не се случат токму на 21 јуни, односно во термин кога здравјето на гласачите и на членовите на избирачките одбори сепак се уште ќе биде сериозно загрозено, ќе била предизвикана политичка криза. „ Ние не предвидуваме нова политичка криза“, категорично вели амбасадорката Брнз. Значи, навистина нема место за никаква паника. Таа дообјаснува: „Моментално има техничка влада. Оваа влада требаше да биде на власт во ограничен период пред да се одржат избори. Невидена меѓународна пандемија принуди одожување на оригиналниот датум се додека условите дозволат изборите да се презакажат“. Јасно, да појасно не може да биде – невидена пандемија доведе до одложување на изборите, а не нечиј наводен страв од изборен пораз или нечија намера да се предизвика политичка криза. Јасно им е тоа на Американците. Тие не ја купуваат така лесно нашата локална мачо реторика што сака да ја наметне лидерот на СДСМ.

Трето, кога условите ќе го дозволат тоа, изборите треба да се „презакажат“. Да, така вели амбасадорката на САД, таа зборува за „презакажување“ на изборите. Со други зборови, САД не го прифаќаат сценариото според кое по престанокот на вонредната состојба, роковите за веќе закажаните избори мора да течат „автоматски“ и изборите мора да се одржат на 21 јуни, без презакажување. Мислам дека ова е јасна порака и до претседателот Стево Пендаровски, кој е организатор на лидерските средби и фацилитатор на разговорите за новиот датум за вонредните избори. Нема да биде добро ако Пендаровски се приклони кон сценариото за „автоматски“ избори, што го заговара Заев.

И четврто, амбасадорката Брнз, повторувајќи го фактот дека „техничката влада има ограничен мандат и нема функционален парламент“, упатува јасна порака и до опозицијата да не го блокира веќе договорениот изборен циклус, туку во разговорите за новиот датум на изборите да учествува активно и конструктивно.

Исклучително е важен и ставот што порталот 360 степени го добил од Делегацијата на Европската унија во Скопје. Од таму велат, цитирам: „Одблиску ја следиме дискусијата меѓу политичките лидери. Дискусијата треба да продолжи за државата да може да организира избори и да продолжи целосно да се справува со последиците од ковид-19“. Ставот на Брисел за начинот како треба да се одлучува за предвремените избори е многу јасен – не со уцени и со избрзани еднострани одлуки, не со некаков изнасилен „автоматизам“, туку со дискусија којашто треба да продолжи.

И задачата за таа дискусија е јасна, видно од изјавата на амбасадорката Брнз – треба разумно да се пронајде термин за изборната трка, „ имајќи ги предвид пред се здравјето и благосостојбата на гласачите и на членовите на избирачките одбори“, а потоа да се донесе одлука изборите да се „презакажат“. Тоа, секако, мора да се случи релативно брзо, бидејќи навистина ни се потребни „целосно овластена влада и функционален парламент“.

Значи, САД и ЕУ на Зоран Заев и на Христијан Мицкоски им упатуваат порака – првиот да не се сили и да не уценува со некаков „автоматизам“ за одржување на изборите, а вториот да прифати компромисно решение за првиот погоден термин за одржување на изборната трка.

Со оглед дека Македонија има убедливо најлош тренд во регионот во поглед на новите случаи и на смртноста од ковид-19, би се осмелил да кажам дека навистина не гледам суштинска разлика меѓу одлуката изборите да се одржат во првата недела на јули, на пример, или во втората половина на август. Месец и половина до два месеца нема ништо да сменат, ниту во поглед на непостоечката опасност од „политичка криза“ (ионака имаме техничка влада за која, нели, велиме дека добро се справува со коронакризата), а ниту во изборното расположение на граѓаните. Точно вели Заев, можеме само да си купиме малку време, ама не за политички манипулации, туку време во кое здравствените власти би можеле поуспешно да се справат со овој нов бран на коронакризата, кој всушност ни се случува сега.

Сакам да кажам, со малку добра волја од сите страни, има можност да се постигне компромис, без непотребно да се вознемируваат граѓаните, кои ионака се депресивни и нервозни поради сево ова што им се случува. Апелирам и претседателот Пендаровски да придонесе за еден таков, плоден развој на дискусијата, која сепак мора да продолжи.

Само немојте, ве молам, да се лажеме дека ситуацијата е правно нерешлива и дека не постоел правно издржан начин изборите да се презакажат, како што сугерира амбасадорката Брнз Ако на Заев не му е јасно како може тоа да се стори, нека викне тројца паметни луѓе на кафе, тројца од кои еден ќе го вари кафето и нема да снима, па го уверувам дека за петнаесет минути ќе му се разјасни се што не му е јасно.

Ајде деца, јадете супа и бидете паметни – послушајте ги нашите пријатели, САД и Европската унија. Нема да згрешите.

 

 

Поврзани содржини