Вчера се случи брутална тепачка во центарот на Струмица, која беше документирана со видео запис, а МВР 24 часа молчи и не излегува со детали, додека целата јавност веќе ги знае деталите и ги пишува, рече Димче Арсовски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција.
– На само стотина метри од полициската станица, во центарот на градот се случи брутална тепачка, која наликуваше и на обид за убиство, а што е највознемирувачки на видеото се гледа дека и деца сведочат на истата тепачка, што би развила и последици кај децата, но она што е најважно е дека полицијата во еден ваков случај ја нема никаде. Сето ова се случувало повеќе од половина час, на што претходело и пред случувањата на видео записот друга ситуација при што имало напад со разни предмети, ладно оружје итн. кон граѓани кои јавно се јавија на социјалните мрежи, но повторно и во таа ситуација полицијата на Оливер Спасовски ја немало никаде да ги заштити граѓаните – вели Арсовски.
Тој повикувајќи се на медиуми праша дали во тепачката е вмешано лице од обезбедувањето на Зоран Заев. Арсовски праша зошто жената која се огласила на социјалните мрежи не била повикана во полиција за да се расчисти случајот.
– Едно е сигурно, а тоа е дека Струмица, но и останатите градови се небезбедни за живеење и станаа како дивиот запад. Секој може да извади било какво оружје, секој може секого да нападне, а сето тоа како резултат на силата којашто им ја дава Заев и СДСМ и подреденоста на полицијата кон криминалот и подземјето. Одговорност и оставки веднаш, за да не се повтори уште еднаш вакава ситуација, каде најпрво се напаѓани граѓани, потоа се случува брутална тепачка во строг центар на градот пред деца и останати граѓани – рече Арсовски.