Арсовски: Дали МВР и обвинителството со молчењето за претепувањето во Струмица го штитат обезбедувањето на Заев?
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ апелира јавното обвинителство да се разбуди од сонот и да почне да постапува по вакви предмети.
Ова е класично насилие, ова е безредие, ова е држава каде што власта и полицијата запленуваат 30 кг путер и се фалат со тоа, а граѓаните јадат ќотек по улица од блиски луѓе до власта, изајви денеска на пресконференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, осврнувајќи се на последната тепачка во Струмица во која толпа тепаше човек.
Арсовски се прашува дали молчењето на МВР и Јавното обвинителство во врска со инцидентот е во прилог на заштита на членот на обезбедувањето на премиерот Зоран Заев.
– Вчера во медиумите се појави сведоштво на претепаниот јавно се огласи на социјалните мрежи, кој јасно и гласно посочи дека бил нападнат од обезбедувањето на Зоран Заев.Како што вели жртвата од видеото, не само што бил брутално претепан од обезбедувањето на Зоран Заев, туку и потоа следел обид за прегазување со автомобил.Скандалозно е исто така, она кое и вчера го говоревме, иако полицијата се наоѓа на стотина метри од местото на инцидентот, според сведоштвото на претепаниот, полицајците биле избркани од обезбедувањето на Заев и не им било дозволено да постапат – вели Арсовски.
Според него со ова, МВР и Оливер Спасовски директно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.
– Наместо полицијата да воведува ред и мир во државата и да се грижи за безбедноста на граѓаните, се случува анархија на чело со луѓе блиски до Заев, која управува и дури со полицијата и кажува каде треба да постапи – рече Арсовски.
Тој прашува:Дали е повикан на разговор во МВР и ЈО обезбедувачот на Заев за кој посведочи и јавно го прозва претепаниот, бидејќи јасно потенцираше дека имало обид за убиство?Зошто Заев, МВР и ЈО молчат повеќе од два дена и се обидуваат да го заташкаат целиот случај?Дали ова брутално претепување е аминувано од Заев, бидејќи според сведоштвото на претепаниот неговото обезбедување го тепало?Дали на овој начин ќе се справува власта и Заев со граѓаните, ќе ги тепа по улици?
Арсовски го повика Јавното обвинителство да дејствува.
-Јавното обвинителство да се одважи да стане, да се разбуди од зимскиот сон, да не спие, да почне да постапува, бидејќи има јавно сведоштво од претепаниот кој се почувствувал немоќен пред институциите.Се додека неказнивоста е пракса, насилието ќе биде присутно на улиците – рече Арсовски.