📷 АРСОВСКА ЈА ПОВИКУВА И ВЛАДАТА ДА КАЗНУВА ЗАГАДУВАЧИ Не може само Град Скопје да бдее над хигиената
На територијата на Скопје има вкупно 14 институции кои што имаат надлежност и обврска да постапуваат во ситуации кога се фрла и се пали ѓубре, но досега единствено Градот Скопје реагира, додека останатите не постапуваат, иако имаат законска обврска, соопшти градската власт.
Градски комунални инспектори на дело фатиле двајца во Бутел како истураат ѓубре и го палат, и на кои ќе им поднесат соодветни кривични пријави, информира градската власт предводена од градоначалничката Данела Арсовска и апелира и другите надлежни институции да се ангажират околу фаќање и казнување на создавачите на дивите депонии.
„Инспекторите за животна средина на Град Скопје денес затекнаа и евидентираа лица во тек на исфрлање големи количини отпад, креирање дива депонија на приватен имот и нејзино палење на територијата на општина Бутел, каде е затекнато огромна количина на отпад од метал, пластика и градежен шут. Град Скопје за извршено кривично дело од страна на лицата С.М жител на општина Бутел и М.Д. државјанин на Косово, согласно членот 218 на Кривичниот законик, ќе поднесе кривична пријава за предизвикување значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата и почвата, односно за предизвикување опасност за животот и здравјето на луѓето, дело казниво со затвор од четири до десет години“, соопшти Град Скопје.
На територијата на Скопје, се додава во соопштението, има вкупно 14 институции кои што во вакви ситуации имаат надлежност и обврска да постапуваат, но, досега единствено Градот Скопје реагира, додека останатите не постапуваат, иако за истото имаат законска обврска. За време на викендот, инспекторите за животна средина на Градот Скопје и комуналните инспектори им изрекле казни на над 20 сторители.
„Град Скопје годинава поднесе повеќе кривични пријави за исфрлање на опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, како случајот во општина Бутел, каде затекнати лица истураа неколку тони отпад меѓу кои и опасен канцероген отпад во зелен појас со што се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани. Апелираме до Владата на овој проблем да му пристапи сериозно, да реагира на пријавите на градот Скопје за поажурно контролирање на нелегалното исфрлање на отпад низ градот што е казниво и според Кривичниот законик, но и едновремено да ги ангажира и останатите надлежни институции, да започнат да постапуваат за детекција и санкционирање на сторителите“, соопшти Град Скопје.