НА ЖИТЕЛИТЕ НА КИСЕЛА ВОДА ИМ ЗБОКТИСАА БАГЕРИТЕ Улицата Димо Хаџи Димов веќе 6 месеци е раскопана, Град Скопје не дава одговори
Барањето за реконструкција е истакнато како децениски проблем од страна на жителите кои редовно транзитираат по овој дел на градот, при што со проектот дополнително се зголемува безбедноста на учесниците во сообраќајот, рече лани во септември градоначалничката на Град Скопје Арсовска.
Што се случува со реконструкцијата на улицата Димо Хаџи Димов во скопската населба Кисела Вода, прашуваат збунето граѓаните, иако скопската градоначалничка Данела Арсовска им вети дека ќе го реши деценискиот проблем.
Сепак, тие со месеци цапаат во кал и дишат прашина.
Во разговор за Плусинфо жителите од оваа улица велат дека интервенциите започнале во септември минатата година, а како што ни кажаа работните задачи требало да бидат готови во октомври, како што и впрочем пишува на информациската табла на која како инвеститор е наведен Град Скопје.
– Ја раскопаа улицата еднаш од едната страна, па таа страна ја покрија со песок за да се копа другата страна. Откако двете страни ги ископаа и ги покрија со песок, на големо изненадување на граѓаните, улицата повторно беше раскопана. На прашање до работниците кога планираат да завршат, одговорот што го добивавме беше „ехеее има време до декември“. По второто копање, улицата беше повторно затрупана со песок за повторно да ја раскопаат на одредени делови – вели револтирано Марија.
Жителите ни откриваат дека кога завршила и третата интервенција, некаде околу Новата година, на улицата бил поставен „времен асфалт“, на што работниците им одговориле дека тоа е „колку да помине зимата“.
Сега, новиот асфалт се копа еднаш неделно. Работниците прават дупка и чекаат со денови, раскажуваат нашите соговорници. Бекатон блочките од тротоарот се извадени, дупките се затрупани со песок и бекатон плочките никој досега не ги поставил повторно.
– Буквално секој ден се отвора нова дупка во „времениот асфалт“ и наводно рокот до декември бил продолжен за март, без никој да ги извести граѓаните коишто не можат да пристапат до своите живеалишта, а за калта и прашината што ја дишат, тоа е друга работа – ни вели Драги.
Според моменталната состојба на терен која ја забележавме, и покрај тоа што веќе сме во втората недела на март, работите како да тапкаат во место, па поради тоа тешко дека и овој рок ќе биде исполнет, бидејќи треба повторно да се промени целиот асфалт и тротоарите.
Инаку, улицата Димо Хаџи Димов е една од главните артерии во населбата Кисела Вода по која минува и автобусот со број 24, а исто така ја користат и жителите од Пржино.
За потсетување, на 28 септември минатата година градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, изврши увид на почетокот на градежните работи за реконструкција на улицата Димо Хаџи Димов.
– Градот Скопје ја реконструира улицата Димо Хаџи Димов, на потегот од крстосницата со улицата Антон Попов до улицата Народни Херои, која е една од најфреквентните улици во општината Кисела Вода. Барањето за реконструкција е истакнато како децениски проблем од страна на жителите кои редовно транзитираат по овој дел на градот, при што со проектот дополнително се зголемува безбедноста на учесниците во сообраќајот. Улицата Димо Хаџи Димов целосно се реконструира во вкупна површина од 6.520 метри квадратни на должина од 800 метри, се заменуваат оштетените рабници, се нивелираат шахти и сливници, планирано е и соодветно хортикултурно уредување. Истовремено, Град Скопје инвестира и во нова атмосферска канализација во должина од 900 метри, а се врши и целосна реконструкција на водоводната мрежа – изјави тогаш градоначалничката Арсовска.
Таа исто така истакна дека со оваа реконструкцијата ќе се реши децениски проблем на граѓаните од овој дел на општината.
– Ние посветено работиме во интересна граѓаните од оваа населба. Ова е само почеток на дел од проектите кои ги реализираме на територијата на општина Кисела Вода. Рокот на изведба на улицата Димо Хаџи Димов е три месеци, а Градот Скопје во оваа реконструкција вложува 41 милион денари – рече Арсовска.
Плусинфо и сега испрати прашање до Град Скопје, но до објавувањето на текстот, одговори не добивме.