АРСОВСКА СЕ СКАРА СО АРХИТЕКТИТЕ Градоначалничката останува на ставот дека проектот за Универзална е небезбеден (ВИДЕО)
Градоначалничката Арсовска изјави дека проектот Универзална сала продолжува, но, како што рече, не со онаа документација која е небезбедна за скопјани и која не може да ја гарантира нивната сигурност во оваа фаза. Таа додаде дека треба да се седне и да се разговара на маса, заедно со сите инволвирани во проектот.
Жестока расправа денес пред Универзалната сала меѓу градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска со Асоцијацијата на архитекти, но и со архитектот од бирото кое го донирала проектот за салата.
Арсовска останува на ставот дека проектот за изградба на Универзална сала е небезбеден и дека треба да биде стопиран, додека асоцијацијата останува на ставот дека тоа е политичка одлука на градоначалничката донесена без факти и аргументи.
Првата караница почна со претседателка на собранието на Асоцијација на архитекти, Искра Јанковска Михајловска.
– Кога ќе биде завршен објектот ќе кажеме дали објектот е безбеден. Вие сте дојдени да се карате со мене. Ве замолуваме кога ќе излезете со информации дека објект е небезбеден е да кажете која институција потпишала и кој го кажал – рече претседателка на собранието на Асоцијација на архитекти, Искра Јанковска Михајловска.
Арсовска обвини за политизација, па остана на истиот став, а притоа неколку пати го повикуваше претседателот на Асоцијацијата, Мишко Ралев за кој велеше дека е член на Извршниот одбор на СДСМ.
– Вие политизирате. Сакам да нагласам сето ова во претходниве пет минути што беше прочитано, можете и самите да го земете со резерва, бидејќи Ралев е член од Извршниот одбор на СДСМ. Иницијалната каписла за се ова беше дека е стопирана изградба на Универзалната сала, а можеа да дојдат на состанок и да се разговара – рече Арсовска.
Јанковска Михајловска на прес-конференцијата напомена дека како архитекти при вакви реконструкции се соочуваат со измени во градба, но дека постојат процедури со ревизии од одговорни лица каде што истите се потврдуваат.
– Објектот не е завршен. Ќе се преправат преправки, затоа што станува збор за објект стар 50 години, па ќе се направат нови ситуации и објектот ќе се заврши безбедно, за да се користат граѓаните. Нема зошто да коментираме ништо на незавршен објект, рече Јанковска Михајловска.
Архитектот Бујар Муча, кој проектот му го подари на Град Скопје, посочи дека проектот претрпел мали промени.
– Гарантирам дека овој објект ќе биде безбеден кога ќе се пушти во употреба. Изјавата на градоначалничката направи голема штета за моето мало проектантско биро од кое земаат плата луѓе кои чуваат деца со тие пари – рече Муча на што Арсовска му одговори дека и гостите што ќе дојдат во салата исто така имаат деца.
Претходно министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска истакна дека е дојдена во улога на медијатор меѓу Градот и архитектите.
– Универзална сала веќе седум години е вон функција. Како објект што го претставува срцето на Скопје, треба да се надминат многу разлики и да се продолжи со проектот кој е веќе е постоен и одобрен за да може реконструкцијата на Универзална сала да се одвива во најбрз можен рок – изјави денес министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Таа посочи дека реконструкцијата на овој објект во 2020 година е финансирана со средства од државниот буџет. Информира дека денес се одлучила да ги покани градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, претставници на најрелевантните институции вклучени во овој проект, како Асоцијација на архитекти, Комора на архитекти и самата фирма што го изработила овој проект, претставници од стручната фела како најповикани за да се разјаснат недоразбирањата што излегоа во јавноста за проектот за реконструкција на Универзална сала.
Градоначалничката Арсовска изјави дека проектот Универзална сала продолжува, но, како што рече, не со онаа документација која е небезбедна за скопјани и која не може да ја гарантира нивната сигурност во оваа фаза. Таа додаде дека треба да се седне и да се разговара на маса, заедно со сите инволвирани во проектот.
– На ваков начин шоу не се прави затоа што треба да си ги знаеме надлежностите. Асоцијацијата на архитекти вчера излезе со еден памфлет напишан од страна на СДСМ, како да ја застапува фелата. Според информациите кои ги имам констатирано е од претходното градско раководство дека ова во овој момент што го имаме како техничка документација и проект не е безбедно и сигурно затоа што немало претходно извршено анализа на постојниот објект, да се знае дали тоа што е ставено во тој проект е реално и одржливо – рече градоначалничката.
Арсовска образложи дека е констатирано оти проектот не ја отсликува реалната состојба на терен и дека не може да продолжи. Таа посочи дека вчера на седница на Советот на Град Скопје поранешната претседателка на Советот, а сега актуелна советничка Љубица Јанчева самата кажала оти откриле недостатоци во проектот.
– Да, проект Универзална сала ќе има, меѓутоа не небезбеден, односно проект според сите стандарди, како што треба да биде за да ја гарантира безбедноста на граѓаните – изјави Арсовска, која ги повика сите што сметаат дека доколку ова сега што е во моментот може да помине без корекција, да дојдат во Град Скопје и дадат изјави.
Архитектот Бујар Муча од архитектонското биро „Мегарон Инженеринг“ информира за дел од проблемите кои произлегле, по што било направено испитување на материјалите, го препроектирале сето тоа и добиле позитивно мислење на измените во тек на градба од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС). Тој тврди дека се е исправно и оти Град Скопје има сѐ.