АРСОВСКА ОДБИВА СОРАБОТКА СО ПОЛИЦИЈАТА ЗА НАПАДОТ ВО ЧАИР Тошкоски вели дека го прифатила обезбедувањето, но не потпишува изјава

Факт е дека полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола веќе неколку дена се обидуваат да обезбедат изјава од градоначалничката Данела Арсовска во просториите на Град Скопје и таа изјава не ја добиваат, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

776

 

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска има 24-часовно обезбедување кое се грижи за нејзината сигурност. МВР, по препорака добиена од Агенцијата за национална безбедност ѝ додели обезбедување и покрај тоа што таа не го побара, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.






– Добро е што Арсовска барем тоа го прифати и соработува со Одделот за заштита на определени лица и објекти, за разлика од фактот дека одбива да соработува и да даде изјава на Одделот за внатрешна контрола при МВР. Овој оддел постапува во врска со дејствија на непостапување на полициски службеници во случајот минатиот петок со градоначалничката Арсовска во Чаир, но по изјава на советничката Ирена Витина, додека Арсовска одбива да соработува –  вели Тошковски.

Тој рече дека неколку дена полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола се во Град Скопје и не успеваат да обезбедат писмена изјава од Арсовска, поврзана со случајот.

– Факт е дека полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола веќе неколку дена се обидуваат да обезбедат изјава од градоначалничката во рамки на просториите на Град Скопје и таа изјава не ја добиваат. Колку што сум запознаен, советничката Ирена Витина дала изјава поврзана со дејствија на непостапување на полициски службеници или дејствија кои, исто така, беа изнесени во јавноста, а беа поврзани со советничката. Во текот на вчерашниот ден мислам дека има дадено таа изјава и Одделот постапува во насока на тоа што го има кажано советничката. Но, за жал, градоначалничката неколку дена не сака да соработува со МВР и одбива да даде изјава, која е нужна за да можеме да ги преземеме сите дејствија што се во надлежност на Одделот кој го преиспитува професионалното работење на полициските службеници – изјави Тошковски.

Во врска со нападот врз Арсовска минатата недела во Чаир, Тошковски рече дека МВР постапило согласно своите задолженија. МВР, додаде тој, постапи по насока на јавен обвинител и доставил кривчна пријава за предметното лице, по што Јавното обвинителство достави предлог за определување мерки до судија на претходна постапка. Судијата утврди куќен притвор, што по жалба е променето и предметното лице е во ефективен притвор, вели Тошковски.

– Факт е дека институциите функционриаат, колку и да му се допаѓало или да не му се доапаѓало некому. Факт е дека МВР постапило по секој еден предмет по кој што градоначалничката јавно информирала  – изјави Тошковски.

Тој додаде дека во врска со сето она што јавноста го виде изминатиот период, а е поврзано со дејностите што ги презема градоначалничката, МВР соодветно одговорило за сè што е пријавено.

– Што значи тоа. Градоначалничката има јавно објавено дека едно лице, полициски службеник ѝ се има заканувано преку социјални мрежи. Во врска со конкретниот случај и без оглед на тоа што нема писмено известување или пак усно пријавување од градоначалничката до МВР, службеници од Одделот за внатрешна контрола отидоа во Град Скопје повеќе пати во врска со тој предмет, постапија соодветно, се обратија до Одделот за компјутерски криминал, утврдија фактичка состојба. Утврдија дека конкретниот полициски службеник навистина постапил спротивно на закон и за него е отпочната дисциплинска постапка, која институционално ќе се разреши во рамки на МВР – изјави Тошковски.

За предметот, пак, каде градоначалничката пред месец и пол два пријави дека ѝ се заканувало одредено лице кое било присутно на терен додека таа вршела активности согласно нејзините надлежности, Тошковски рече дека МВР има поднесено соодветна кривична пријава пред повеќе од еден месец.

Поврзани содржини