АРСОВСКА НЕ НИ КАЖУВА ШТО СЕ СЛУЧУВА Славески вели дека ЈСП се наоѓа во огромни проблеми
Излегува дека оваа дупка во ЈСП била многу поголема и не знам од каде ќе се обезбедуваат тие пари, кога ЈСП не продуцира толкави приходи, рече претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.
Сите ние советници немаме никаква информација од страна на Град Скопје за она што се случува во ЈСП, изјави претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, од ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашната емисија „24 анализа“.
Тој вели дека Јавното сообраќајно претпријатие се наоѓa во големи проблеми откако приватните превозници, кои велат дека им должи огромни пари, се откажаа од вршењето јавен градски превоз.
– Сега испаѓа дека оваа дупка на ЈСП била многу поголема. Станува збор за побарувања од страна на приватните превозници од околу еден милион евра, тоа е застрашувачка цифра и јас не знам од каде ќе се обезбедуваат тие пари, бидејќи изгледа дека ЈСП не продуцира доволно приходи поради најверојатно лошо менаџирање, како и поради онаа обврска која Град Скопје ја испорачува кон Владата од околу 2 милиони евра за бесплатниот превоз. Значи суштинско е што ние се наоѓаме затечено од целата ситуација. Над 2 милиони евра се одвоија од други ставки на буџетот за исплата на три плати во ЈСП, а сега испаѓа дека тие му должат уште 1 милион евра на други субјекти. Да имаме една време информација затоа што тоа треба некој да ги следи, а тој некој е раководните органи и директорите во самите јавни претпријатија, а советниците се држат во магла – потенцираше Славески.