АРСОВСКА ГИ ОБВИНИ МАКЕДОНСКИ ПОШТИ ЗА ДОЦНЕЊЕТО НА РЕШЕНИЈАТА ЗА ДАНОК НА ИМОТ Градот ќе ја тужи Поштата

„Причината за доцнењето во испораката лежи исклучиво кај АД Македонски пошти, кое без известување и без образложение не ја изврши својата обврска во договорениот рок. Со ова постапување, Македонски пошти грубо ги прекрши обврските кои произлегуваат од договорот со Град Скопје“, се наведува во реакцијата од Градот.

406

Град Скопје го обвини АД „Македонски пошти“ за ненавремена испорака на решенијата за данок на имот до граѓаните.

Ова се наведува во реакцијата од Градот испратена до редакцискиот мејл на Плусинфо синоќа нешто пред 23 часот, а по повод објавата на текстот „СКОПЈАНИ СÈ УШТЕ ЧЕКААТ ХАРТИЕНИ РЕШЕНИЈА ЗА ДАНОК НА ИМОТ Градот ветуваше брза испорака, но решенијата ги нема ни по 3 месеци“. 






„Град Скопје постапи навремено и одговорно во процесот на изработка и испорака на решенијата за данок на имот и комунална такса. Решенијата беа целосно изработени и испечатени во предвидениот рок, по што истите беа доставени до АД Македонски пошти, согласно склучениот Договор, со цел навремена достава до сите даночни обврзници најдоцна до 31.03.2025 година. Причината за доцнењето во испораката лежи исклучиво кај АД Македонски пошти, кое без известување и без образложение не ја изврши својата обврска во договорениот рок. Со ова постапување, Македонски пошти грубо ги прекрши обврските кои произлегуваат од договорот со Град Скопје“, се наведува во реакцијата од Градот.

Во таа насока, Град Скопје соопшти дека презел соодветни правни чекори, односно поднесен е приговор до Агенцијата за пошти, а во подготовка е тужба за надомест на штета пред надлежен суд против АД „Македонски пошти“.

„Јавноста треба да биде запознаена дека Град Скопје не ја сноси вината за доцнењето, туку напротив, постапи целосно професионално и одговорно, обезбедувајќи навремено издавање и предавање на решенијата за понатамошна дистрибуција. Воедно, сакаме да укажеме дека Градот ги прими новинарските прашања, но поради кратките рокови до објава на текстот, без да се даде соодветно време за одговор, не беше во можност да реагира навремено“, се додава во реакцијата од Градот.

Плусинфо вчера објави дека три месеци по изготвувањето, граѓаните и фирмите сѐ уште не ги добиле решенијата за данок на имот, односно за комунална такса за 2025 година.

СКОПЈАНИ СÈ УШТЕ ЧЕКААТ ХАРТИЕНИ РЕШЕНИЈА ЗА ДАНОК НА ИМОТ Градот ветуваше брза испорака, но решенијата ги нема ни по 3 месеци

 

Поврзани содржини