АРСОВСКА ЌЕ ДОБИЕ ТУЖБА И ЗА КЛЕВЕТА? Не продаваме билети зашто се укинати пред 5 години, тврдат приватните превозници

Директорот на „Слобода превоз“ жали што работата е дојдена до овој степен, но предупредува дека градоначалничката изнесува сериозни обвинувања за сторен криминал, и дека се подготвени, покрај тужбата за неисплатените средства, против Арсовска да поднесат и тужба за клевета.

1,356

Ниту продаваме, ниту сме продавале билети во нашите автобуси, и најостро ја демантираме градоначалничката Данела Арсовска за искажаното на денешната прес-конференција, изјави директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски за Плусинфо.

– Ниту „Слобода превоз“, ниту „Макекспрес“, ниту приватните превозници поединечно, не продаваат билети. Продажбата на билети, печатењето, набавката или прибирањето финансии се врши исклучиво преку ЈСП Скопје. Ние не можеме да продаваме билети, ниту задолжуваме билети, затоа што кај нас фискалните системи од ЈСП не функционираат. Единствените продавачи на билети се билетарниците на ЈСП и никој друг не може да продава карти, а уште помалку ние како „Слобода превоз“ – ни рече Јовановски.






Тој вели дека е смешно тоа што го кажува Арсовска дека приватниците ги продавале билетите и парите им ги давале на здруженијата, а тие не им ги давале на сопствениците на автобусите. Тој вели дека секој сопственик на автобус има регистрирано фирма и доколку продавал билети, а Јовановски гарантира дека тоа не се случило, тие пари треба да ги уплати на сметката на фирмата како дневен промет, како што функционира секоја приватна фирма во Македонија.

– Секој што го познава системот, а и граѓаните може тоа да го потврдат, билети не се продаваат во приватните автобуси, особено од периодот кој го посочува Арсовска, поточно од 2017 година. Најверојатно градоначалничката не е информирана добро од луѓето кои се околу неа, бидејќи кога приватните превозници влегоа во системот, единствено во автобусите, како нашите, така и на ЈСП Скопје можеше да се возите со електронски билет или да си купите возење со мобилен телефон, а картичките „Скопска“ се продаваа во билетарниците на ЈСП Скопје – додава Јовановски.

Директорот на „Слобода превоз“ жали што работата е дојдена до овој степен, но предупредува дека градоначалничката изнесува сериозни обвинувања за сторен криминал, и дека се подготвени, покрај тужбата за неисплатените средства, против Арсовска да поднесат и тужба за клевета.

Го прашавме Јовановски за огласот кој го најави Арсовска, дали планираат како „Слобода превоз“ да учествуваат, тој ни посочи дека сѐ уште е рано за такво нешто, затоа што им е најважно да ги наплатат заостанатите долгови.

– „Слобода превоз“ функционира како здружение. Тоа значи дека секој приватен превозник склучува договор со нас за одредена сума. Ние имаме обврска со тоа да им обезбедиме патни налози, термини за возење и слично, и нив да ги застапуваме каде што е потребно. Во минатото имаше обид приватните превозници да бидат под капата на ЈСП Скопје, како поединци фирми, но тие имаа чувство дека така ќе бидат манипулирани, па поради тоа повеќето се зачленуваа во едно од двете здруженија. И кога добиваме извештаи од ЈСП за километрите кои ги поминале превозниците, ние ги контролираме, бидејќи имаме центар кој е задолжен да го прави тоа. Тоа е причината поради која повеќето од нив сакаат да се дел од здруженијата – вели Ленин Јовановски за Пулсинфо.

Инаку денеска градоначалничката Данела Арсовска ги обвини „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ дека од 2017 година, сѐ до овој момент немаат пријавено продажба на ниту еден билет во своите автобуси иако пријавувале дека возеле околу 400.000 километри месечно. Тие пресметувале по едно евро за извозен километар, а потоа фактурирале до ЈСП.

Поврзани содржини