Арифи: Земјата треба да има влада која ќе остане на патот на евроинтеграциите, за премиер Албанец вреди да се разговара
Потпретседателката на ДУИ Теута Арифи во 24 анализа истакна дека земјата треба да има влада која ќе остане на патот на евроинтеграциите. Таа за понудата на ДУИ за премиер Албанец рече дека е коректна, никого не оставила рамнодушен и дека голем број Албанци ја прифатиле. Според неа, таа идеја е вредна да се разговара и во преговорите за нова влада, но дека процесот на преговори ќе покаже кој е процентот на реализација на таа идеја.
– ДУИ никогаш не ги поставила политичките идеи како уцена, туку како прогрсеивни идеи кои може да донесат поголема толеранција. Со фактот дека идејата доби поддршка од дел од гласачите таа е вредна да се разговара при формирањето на влада. Не можеме да прејудицираме кој ќе биде реазултатот од преговорите – вели Арифи.
Таа додава дека нема да се откажат од идејата за премиер Албанец но ќе видат како тоа ќе се одвива во процесот на преговори за новата влада. Арифи одби да ги коментира изјавите на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски дека ја отфрлиле идејата за премиер Албанев бидејќи тие биле кажани во екот на кампањата.
– ДУИ не е блеферска партија инаку не би имале толкава поддршка кај граѓаните. Нормално во кампањата имаше секакви реакции, не коментирам изјави дадени во кампања – рече Арифи.