АРБЕРИЈА ГО „УБИ“ ОБРАЗОВАНИЕТО Дали ќе доцни школската година поради неиспечатени главни книги?
Поради многуте грешки главните книги се вратени да се препечатат, а печатењето ќе го врши повторно истата фирма, спонзор на ДУИ, наместо, како што предвидува договорот, да биде казнета и да биде активирана нејзината банкарска гаранција, рече Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ.
Почетокот на школската година може да доцни затоа што нема главни книги за училиштата – рече на денешната прес-конференција Весна Јаневска, претседател на комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.
– Имено, во ист работен ден, училиштата добија известување од Бирото за развој на образованието дека треба да ги подигнат главните книги за учебната 2022/2023 година, за потоа доцна попладне повторно да бидат известени да не бараат Главни книги, бидејќи има грешки во печатењето и поради тоа главните книги ќе треба да се препечатат. За печатењето, почитувани, повторно е избрана фирмата Арберија, спонзорот на ДУИ – рече Јаневска.
Грешката во Главните книги се испревртени страници без никаков редослед на описно и бројчано оценување, без редослед на реден број на учениците, со еден збор направен е целосен хаос.
Според договорот од први август годинава, фирмата Арберија Дизајн од Тетово, фирма блиска на ДУИ, која се јавува и како нејзин голем спонзор и донатор, се обврзува дека педагошката документација и евиденција ќе испорача за пет дена по нарачката од Бирото за образование.
Бирото како нарачател се обврзува да направи претходна контрола на техничката подготовка за печатење, квалитетот на печатените материјали и писмено одобрение за дистрибуција.
– Или Арберија не сработила како што треба, по контролата од МОН, или контролата на МОН потфрлила. Доколку Арберија не го испочитувала договорот за квалитетна навремена испорака, според договорот тоа повлекува реализација на членот 7 од договорот, односно активирање на банкарската гаранција, која се активира, цитирам: во случај на несовпаѓање на техничките и квалитативните карактеристики на испорачаните печатени материјали, се повлекува сериозна одговорност! Прво повлекување на банкараската гаранција, а потоа одговорност на печатницата.
Доколку Министерството односно Бирото не направиле контрола, тогаш повторно потребна е сериозна персонална одговорност кој тоа дозволил печатење на ваков неупотреблив материјал и на чиј трошок ќе се спроведе препечатува на главните книги – праша Јаневска.
Истата фирма Арберија Дизајн ги печатеше свидетелствата за минатата учебна година, но тие доцнеа со месеци, па беа поделени дури деновиве, а за некои средни учишта сè уште не се отпечаттени и доставени. Истата фирма се најде на удар на јавноста и како организатор на прославата на годишнината од Рамковниот договор, која чинеше најмалку 70.000 евра, а ја организираше Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.