АРАМИИ ГО ОГРАБИЛЕ ДОМОТ НА АРМ, А ОБЈЕКТОТ ГО ОБЕЗБЕДУВА ВОЈСКАТА Се качиле преку тераса, однеле телевизор и кафемат
Од МВР не ја објавија кражбата во дневните билтени за 16-ти или 17-ти октомври, а денеска на прашања на Телма ја потврдија кражбата и дека сѐ уште водат истрага.
Скопскиот Дом на АРМ предминатиот викенд „настрадал“ во разбојничка кражба. Иако се наоѓа во центар на главниот град, а има и чуварска служба од припадници на Армија, земја членка на НАТО, разбојниците се прекачиле и влегле преку терасата на објектот.
Според информациите на Телма, биле украдени повеќе работи од ресторанот кој се наоѓа на вториот кат. Однесен бил телевизорот од ресторанската сала, професионален кафемат и други работи.
Од МВР не ја објавија кражбата во дневните билтени за 16-ти или 17-ти октомври, а денеска на прашања на Телма ја потврдија кражбата и дека сѐ уште водат истрага.
– На 16.10.2022 во 01.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.Македонија во ДОМ на АРМ од страна на непознати сторители насилно била отворена вратата од терасата, било влезено внатре и извршено било претурање во просторија во ресторанот. Се работи на расчистување на случајот – одговориле од МВР.
Од Министерството за одбрана, пак, за Телма одговориле дека е проценета материјалната штета од кражбата, со тврдење дека чуварската служба спречила поголем грабеж.
– На 16.10.2022 во 01.00 часот во Домот на Армијата, непознати сторители насилно влегле преку тераса на објектот во просториите на ресторанот на Домот на Армијата, при што е извршена кражба на предмети во вредност од околу 1.000 евра. Благодарение на брзата реакција на чуварската служба во Домот на Армијата не е направена поголема штета. Полицијата го расчистува случајот – одговорија од Министерството за одбрана.