„АПСОЛУТНО, НИЕ СМЕ ЗЕДНО, ПРОДОЛЖУВАМЕ ЗАЕДНИЧКИ“ Коалицијата Вреди имала само мали несогласувања
Коалицијата Вреди вчера разговарала за локалните избори и распределба на општините.
Беким Ќоку од Коалиција „Вреди“ изјави дека вчерашната средба на лидерите била во пријателски и колективен дух. Тој потенцираше дека коалицијата продолжува заеднички, а останува да се договорат само детали за листите за градоначалници и советници во општините пред Локалните избори.
-Разговаравме за следните избори, за следните средби. Тоа беше во сосема пријателски и колективен дух. Детално ќе разговараме за тоа во кои општини ќе одиме заедно. Така што, ова беше уште една позитивна средба во духот на соработката. Апсолутно, ние сме заедно, продолжуваме заеднички и останува да се разговара само за деталите и за тоа како ќе се поделат општините. Не се согласуваме на најдобар можен начин, но, во секој политички субјект тоа се случува, и кај поединечни партии – рече Ќоку.
Коалицијата Вреди вчера одржа состанок во Скопје. На состанокот присуствуваа лидерите на партиите кои учествуваат во коалицијата Вреди: Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, Изет Меџити од Демократското движење, Биљал Касами од Беса и Зеќирија Ибраими од Алтернатива.
Пред состанокот, Таравари изјави дека нема да има поделби внатре во коалицијата и дека состанокот е редовен.
Меџити посочи дека коалицијата ќе настапи со заеднички листи на изборите, додека Ибраими истакна дека состанокот е координативен.
Касами изрази убедување дека коалицијата ќе настапи заедно на изборите и дека ќе продолжат редовните комуникации.