АПЕЛ ЗА СПАС НА МАЛ БИТОЛСКИ МОНМАРТР Како да им кажеме на децата сликари дека нема да имаат настава?
Министерството за образование и наука на Македонија по 40 години го затвора Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола, а со тоа култниот светски бренд „Мал Битолски Монмартр“ веќе ќе го нема, се наведува во апелот за спас на Мал Битолски Монмартр.
„Откако управниот одбор на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола на 5 март оваа година донесе одлука за целосна реорганизација на активностите на студиото кое 41 година е организатор на култната и најстарата (според Гинисовата книга на рекорди) и најголема светска детска ликовна колонија од Министерството за образование и наука на Македонија со информации дека веќе нема да ја има нивната поддршка.
Иако 30 години министерството обезбедуваше само една плата за едно лице (технички секретар) и електрична енергија, сега по „ничија грешка“ се констатира незаконитост во таа активност и веднаш се прекинуваат сите форми на финансирање.
„Цинична сума од 60.000 денари месечно која нас не одржуваше во живот, а годишно 80 деца ги правеше ликовни уметници и амбасадори на својата земја низ светот. Ученици од 5 до 20 годишна возраст кои бесплатно ликовно се едуцираа и го развиваа својот талент во нашите простории но и низ детските ликовни колонии од Хонг Конг па до Португалија. Само изминатите шест месеци нашите ученици на 10 светски детски ликовни конкурси и 5 светски детски ликовни колонии освоија над 85 награди. И така нив денес ќе им соопшиме дека нема настава од септември и ќе им речеме: „Браво и збогум!“. Со ова сме доведени во ситуација во која апелираме сите здраворазумни граѓани и општествено одговорни компании во Македонија да ни помогнат со гест на поддршка и финансиска помош за да опстои единствениот светски детски бренд од Македонија – Мал Битолски Монмартр“.
Детско ликовно студио “Свети Кирил и Методиј” Битола од утре ќе преземе и конкретни активности со комуникација со своите долгогодишни партнери од цел свет – УНЕСКО – Амбасадите на странските земји во Македонија и Генералните Конзулати во Битола како и органите на власт – било тоа да е локална или државна a кои имаат уши а не “граматички грешки”, се наведува во апелот.
Од таму велат дека нема да дозволат нечии „граматички грешки“ да доведат до бришење на речиси полувековната историја на Детското ликовно студио.