АПЕЛ ДО КРУШЕВЧАНИ, НЕ ПИЈТЕ ВОДА ОД ЧЕШМА! Откриени бактерии во градскиот водовод

Центарот за јавно здравје – Прилеп утврдил отсуство на резидуален хлор и присуство на бактерии од цревно потекло во градскиот водовод. Мерките ќе важат до добивање три последователни исправни примероци.

0

Центарот за јавно здравје – Прилеп ги информира жителите на Крушево дека водата од градскиот водовод во моментов не е безбедна за пиење, откако при редовната контрола на квалитетот било утврдено отсуство на резидуален хлор и присуство на бактерии од цревно потекло.

Од ЦЈЗ – Прилеп информираат дека за состојбата веднаш биле известени надлежните државни институции, како и раководството на Јавното комунално претпријатие „Комуна“ – Крушево.






Поради утврдената бактериолошка неисправност, граѓаните се советуваат за пиење да користат исклучиво флаширана вода.

Водата од градскиот водовод може да се користи за лична хигиена, подготовка на храна и миење садови, но само по претходно превривање во траење од најмалку 10 минути.

Од Центарот за јавно здравје нагласуваат дека овие препораки ќе останат во сила сè додека не бидат добиени три последователни исправни примероци од водата.

Дополнително, испитувањата извршени на 20 јули 2026 година покажале бактериолошка неисправност и кај крајпатните чешми „Бензинска пумпа“ и „Св. Петка“, поради што и тие не треба да се користат за пиење.

ЦЈЗ – Прилеп најавува дека ќе продолжи со следење на состојбата и ќе биде во постојана комуникација со надлежните институции, а јавноста редовно ќе биде информирана за новите резултати од анализите.

Поврзани содржини