Апасиев има кредит од 3,5 милиони денари, Муцунски вози „ауди“ од 30.000 евра

5,855

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) изнесе податоци од анкетните листови за имотната состојба на избраните функционери.

За лидерот на Левица, Димитар Апасиев, наведено е дека во 2017 година за 65.000 евра купил стан од 60 метри квадратни во Скопје, а во 2016 година подигнал кредит во банка во износ од 3.46 милиони денари. Апасиев, исто така, навел дека има автомобил „алфа ромео“ кој ѝ припаѓа на неговата сопруга, а вреди 155.000 денари.






Борислав Крмов, вториот пратеник од Левица во македонското Собрание, во Анкетниот лист како сопственост единствено пријавил стан во Штип од 65 метри квадратни купен во 2015 за кој внел дека вреди два милиони денари.

Од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, професорот Тимчо Муцунски, секретарот за надворешна политика на ВМРО-ДПМНЕ, вози „ауди Q2“ кое си го купил во 2018 година, а истото вреди скоро 30.000 евра. Професорот ова возило го пријавил како заеднички имот.

Професорката Гордана Силјановска-Давкова пријавила депозити во банка, од кои едниот е 55.000 евра, а другиот 3.500 долари, како и 11.500 евра на девизна сметка.

Од пратениците на СДСМ, Марија Костадинова, доскорешна директорка на основно училиште во Миравци, пријавила имот на фирма во вредност од 19 милиони денари во Гевгелија.

Лолита Ристова од Неготино располага со деловен простор во својот град од речиси 2 и пол милиони денари. А Марија Ангелова од Чаир од личен имот навела дека има само девизен депозит од 5.800 евра.

Лазе Таневски, пратеник на СДСМ, кој доаѓа од бизнисот, заедно со својот брачен другар поседуваат пет стана, од кои три во Охрид и два во Скопје. Вкупната вредност на становите изнесува 15,3 милиони денари. Покрај становите, овој бизнисмен има и земјоделско земјиште од 14 милиони денари во охридско Арбиново како наследство.

Моника Зајкова од ЛДП како сопственост пријавила автомобил „поло“ од 250.000 денари, како и долгорочен кредит од 3,69 милиони денари, а интересно е и тоа што пријавила златен накит на нејзините родители од 12.000 евра.

Артина Ќазими, која има 23 години е најмладот пратеник. Таа доаѓа од редовите на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива. Како свој личен имот има куќа и двор во вредност од 19,1 милиони денари во Добридол.

Поврзани содржини