Антикорупциска не се откажува, законот за коридорите оди пред Уставен суд
Од Антикорупциска се категорични дека ќе ги користат сите алатки што се овозможени во системот да ги употребат во вакви случаи и нема да се откажат.
Антикорупциската комисија ќе го даде на Уставен суд своето мислење за Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, откако денеска претседателот на државата Стево Пендаровски го потпиша указот, изјави за МИА претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.
Од Антикорупциска се категорични дека ќе ги користат сите алатки што се овозможени во системот да ги употребат во вакви случаи и нема да се откажат. Ивановска, претходно на прес – конференција денеска потенцира дека охрабрува тоа што претходниот пат кога Пендаровски, како што рече, покажа зрелост да не го потпише Законот за правен статус на бесправно изградени објекти и како што рече, „ако е во функција на одбрана на својот интегритет, очекуваме и овој Закон да не го потпише бидејќи има сериозни уставни прекршувања“.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, укажа дека ставот на ДКСК, по извршена антикорупциска проверка, е оти овој закон, како целина претставува висок ризик фактор за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно. Додаде дека донесениот закон и примената на одредбите на законот во пракса, ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси.
– Нема јавен интерес каде има вакви политички мудрости, сплеткарења. Во функција на јавниот интерес треба отворено, транспарентно да се излезе пред народот и да се каже зошто и како се поставени работите, а не вака од скратена по скратена постапка да се донесува закон во Собрание што е од многу важно значење за целата држава – рече претседателката на ДКСК.