Ангеловска: Внимателни со било какви промени кај Данокот на додадена вредност
Според неа домашната економија не е како економиите на земјите кои посегнаа по промена на стапката кај овој данок бидејќи кај нив прибирањето на давачките е поголемо.
Ако се носи каква било одлука за промена на Данокот на додадена вредност (ДДВ) како евентуална антикризна мерка или системска, тоа би било по детаљна анализа и врз основа на факти и издржано и без да се наштети на економијата, изјави денеска министерката за финансии Нина Ангеловска.
Таа рече дека партиите во предизборниот период имаат одредени пакети на понуди и мерки поврзани со ДДВ- то но смета дека треба да се биде многу внимателен со каква било промена кај овој данок како од економска логика така и од аналитичка и споредбена со другите земји кои антикризно ја намалија стапката на овој данок.
Според неа домашната економија не е како економиите на земјите кои посегнаа по промена на стапката кај овој данок бидејќи кај нив прибирањето на давачките е поголемо.
– Кај нас ДДВ, како фазен данок, имаме 18 отсто повластена даночна стапка. Почнавме анализа во Министерството за финансии и сметам дека ако се прават некакви промени треба да се направат во делот на повластените даночни стапки, бидејќи има одредени нелогичности што останале така со години, односно не се променети над 20 години – рече Ангеловска.
Ако гледаме системски, дополни, тука треба да ги подобриме работите многу, а воедно да работиме на сивата економија, да ја подобриме наплатата на Данокот на додадена вредност.
Во предизборните програми дел од партиите имаат предвидени одредени антикризни мерки кои се поврзани со ДДВ.
ВМРО-ДПМНЕ на пример најави дека во првите 100 дена од новата влада ќе се намали ДДВ од 18 отсто на 10 отсто за секторите угостителство и туризам, што ќе важи до крајот на 2021 година.
СДСМ пак најавува намалување на стапката на ДДВ на 10 отсто кај извозни ориентирани производи за увоз на суровините и машините што се наменети за извоз, потоа единствена стапка од 10 отсто ДДВ за сите ресторантски услуги, ревидирање на стапките на данок на додадена вредност за суровините за домашните производители и намалување на стапката на ДДВ за земјоделските производители , намалување од 18 на 5 отсто за занаетчиски услуги како и викенд без ДДВ за граѓаните.