Ангеловска: Одобрени бескаматни кредити за 117 компании преку „Ковид 2“
Одобрени се 2 милиони евра досега, со кои се поддржуваат: 58 микро, 43 мали и 16 средни компании – или вкупно 3.001 работни места - објави министерката.
Преку втората линија бескаматни кредити за фирмите погодени од ковид-19 кризата одобрени се 2 милиони евра за 117 фирми во кои работат 3.001 вработен, напиша министерката за финансии Нина Ангеловска на „Фејсбук“.
–Одобрени се 2 милиони евра досега, со кои се поддржуваат: 58 микро, 43 мали и 16 средни компании – или вкупно 3.001 работни места. За оваа кредитна линија има огромен интерес од страна на компаниите. Барањата се обработуваат и процесираат од страна на Развојната банка, по што со одобрените се потпишуваат договори и се исплаќаат средства, пишува Ангеловска.
Кредитите од оваа кредитна линија изнесуваат од 3.000 до 90.000 евра, со 0 проценти камата и рок на отплата 3 години со 12 месеци грејс период. Вкупниот износ на „Ковид 2“ линијата е 8 милиони евра и за неа можеа да аплицираат фирми од сите дејности. Претходната линија бескаматни кредити „Ковид 1“ е целосно доделена.