Јанчев: Германската влада е најголем поддржувач на општина Кавадарци (ВИДЕО)

Градоначалникот на Кавадарци денеска на средба со амбасадорката на Германија Анке Холштајн разговараа за идната соработка во повеќе области.

347

Германската амбасадорка Анке Холштајн денеска беше во работна посета на Кавадарци. Таа оствари средба со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Во изјава за медиумите, градоначалникот ја истакна долгогодишната соработка и рече дека со амбасадорката разговарале за понатамошна соработка во повеќе области. Се осврнале и на најголемиот работодавач во државата, германската фабрика „Дрекслмајер“, околу нивните планови и идни вработувања.






– Република Германија и KFW германската банка се едни од најголемите поддржувачи на општина Кавадарци со неколку грантови – нагласи Јанчев.

Тој информира дека завршен е грантот од 620 илјади евра, за реконструкција на водоснабдувањето во општината.

Сега е имплементацијата на втората фаза, во месец октомври ќе започне тендерирањето на новите проекти.

– Тоа е грант добиен од пред две години, преку германската влада и банката од 2.5 милиони евра. Општина Кавадарци со германска поддршка ќе добие комплетна нова атмосферска канализација – додаде градоначалникот, изразувајќи благодарност за посетата.

Задоволство од средбата изрази и амбасадорката.

– Разговаравме за политичката, економската и културната соработка меѓу нашите две земји која е на многу високо ниво, како и за европската перспектива на Република Северна Македонија –  се обрати таа на македонски јазик.

Притоа таа потсети дека Германија во моментов претседава со Советот на Европската Унија.

– Со оглед на актуелните состојби, нашиот главен акцент е справување со пандемијата и нејзините последици. Овде во регионот на Западен Балкан сакаме да покажеме дека нашите партнери при борбата со пандемијата, можат да се потпрат на нас. Германија досега го поддржа регионот со пет милиони евра. Понатамошни десет милиони се на пат. Освен тоа, ЕУ помага со 3.3 милијарди евра, во кои Германија учествува со скоро една третина – нагласи амбасадорката.

Таа се осврна и на фактот дека во Кавадарци се наоѓа германскиот инвеститор со најголем број на вработени во државата „Дрекслмајер“.

– Ја посетив компанијата и имав можност да се уверам дека во услови на пандемија, здравјето и безбедноста на вработените се највисок приоритет. Компанијата е постојано во контакт со надлежните македонски институции, ги следи сите дадени насоки, како и со германскиот институт Роберт Кох, според кој спроведува дополнителни здравствени протоколи, наложени од централата – појасни Холштајн.

Поврзани содржини