АНАЛИЗА Понизок ДДВ нема да нè спаси од електрошокот, поскапувањето на струјата треба да се преиспита
Стапката на ДДВ ниту е причина за зголемување на цената на струјата, ниту пак е решение за нeјзино намалување. Решението за проблемот кој го предизвикаа самите регулатори треба да го бараат кај себе, во преиспитување на одлуката и na постапката и кај менаџерските тимови на енергетските компании, од кои треба да се побара да ги пронајдат празнините во работењето и да најдат можност за намалување на трошоците, велат експертите за даноци. Невладиниот сектор, синдикатите и партиите исто така побараа преиспитување на одлуката и на работењето на државните енергетски компании.
Граѓаните, пак, најавија протести на кои ќе го испорачаат истото барање. Првиот треба да се одржи вечерва во 19 часот, во паркот Чаир во Скопје, на Плоштадот Илирија во Тетово, во Гостивар, во Куманово и во Дебар.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, при соопштувањето на новата цена на струјата деновиве, рече дека треба да се разгледа можноста за намалување на ДДВ за струјата од 18 на 5 отсто, како опција за намалување на месечните сметки на домаќинствата.
Павел Гацов, експерт за даноци, вели дека, прашањето не е дали треба да се намали ДДВ за струјата, туку дали ќе стане практиката секогаш кога ќе се донесе погрешна одлука да се бара решение во даночните стапки.
– Се прашувам што ќе се случи идната година, кога компаниите повторно ќе покажат високи трошоци и ќе побараат повисоко зголемување на цената на струјата. Зарем и тогаш ќе се бара намалување на стапката на ДДВ на нула за струјата? Оваа иницијатива на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика сепак влегува во категоријата желби и не произлегува од издржана анализа – вели Гацов.
Тој додава дека земјава е една од ретките во кои не се плаќа акциза на електрична енергија, туку само се плаќаат потребните даноци. Според него, регулаторот не треба да го бара решението на проблемот на друга страна, туку кај себе и кај компаниите кои покажале високи трошоци и побарале зголемување на цената.
– Регулаторот треба да побара компаниите да ги пронајдат празнините во работењето и да ги најдат можностите за намалување на трошоците, по што ќе треба и самиот да ја преиспита одлуката за зголемување на цената на струјата – вели Гацов.
Преиспитување на менаџирањето со државните енергетски компании вчера побара и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
– Постојат три одговори на клучните прашања зошто електричната енергија е поскапена за 7,4 проценти. Првиот е високата маржа за универзалниот снабдувач на сметка на ниската цена на компанијата во државна сопственост, вториот се масовните партиски вработувања пред изборите, а третиот е исплата на 26.000 денари за секој вработен во ЕСМ под превезот на К-15, тринаесетта плата и регрес за годишен одмор во насока на поткуп на гласови – рече Мицкоски.
Тој побара одговор на прашањето зошто АД ЕСМ снабдува 100 проценти, а не 75 отсто и останите 25 отсто да ги предаде на слободниот пазар, по пазарна цена, многу повисока од оваа што му ја дефинира Владата.
Коалицијата Aлијанса за Албанците – Aлтернатива побара МЕПСО и ЕСМ да се откажат од зголемувањето на цената на електричната енергија и истовремено да ја намалат цената за 20 отсто.
Реагираа и синдикатите и невладините организации, кои одлуката ја нарекоа скандалозна и побараа веднаш да се повлече.
Како ќе реагира на предлогот да се намали стапката на ДДВ за струја новата влада, дполнително ќе се види. Техничката влада на Оливер Спасовски засега останува без реакција.
Според податоците на Еуростат од 2018 година до средина на 2019 година, просечно цената на струјата се зголемила за 1,3 отсто. Цената за еден киловатчас во ЕУ изнесува 21,4 центи. Поевтина струја од Македонија има во Србија, во Косово и во Украина. Најскапа струја во ЕУ се плаќа во Германија од 0,3 евра за киловатчас, додека најевтина во Бугарија, каде што е трипати пониска од таа кај нас.