АНАЛИЗА Кој е виновен за трагедијата во Тетово – модуларните болници или модуларните политичари?

Со околу 700 нови болнички кревети во 19 модуларни болници, произведени и монтирани по сите спецификации и стандарди, битно се зголемија болничките капацитети за справување на ковид кризата. Но, експерти укажуваат дека овие објекти не се погодни за интензивна нега на пациенти со кислородна поддршка. Може ли да се постави поефикасна стратегија за зголемување на болничките капацитети?

3,512

Како што стојат работите, најверојатно никогаш никој нема да одговара за големиот пожар во тетовската болница, разочарано пишува професорот Дејан Трајковски на Фејсбук.

„До пожарот и до жртвите веројатно никогаш немало ни да дојде доколку кај инвеститорот на модуларните болници (Владата, односно Министерството за здравство) ги читале и се придржувале до препораките од Европската комисија, поточно на Здружениот истражувачки центар, којшто од поодамна донел низа препораки за изградба на болниците, по избувнувањето на дваесетина пожари во разни ковид центри ширум светот, како последица на високата концентрација на кислород во воздухот“, пишува професорот од Битола, познат по своите анализи на статистиките за ширењето на пандемијата.

 






Професор Дeјан Трајковски: Несреќна комбинација на незаинтересираност, неукост и неодговорност

 

Чиновникот којшто го составувал текстот на тендерот, додава Трајковски, овие препораки сигурно не ги прочитал, неговиот шеф уште помалку, а конструкторот во градежното претпријатие – ич. „Формално-правно сè било во ред (хартијата трпи сè), но суштински сè било промашено уште од самиот почеток. Несреќна комбинација на незаинтересираност, неукост и неодговорност“, заклучува тој.

Модуларните болници се произведени и монтирани според спецификацијата на Светска банка и се со висок квалитет

Дали е во право професорот? Да, но сепак само делумно.

Директорката на Инфективната клиника во Скопје, д-р Милена Стевановиќ, неодамна предупреди дека тетовската трагедија сепак не треба да биде причина да се спори квалитетот на модуларните болници и да се негира фактот дека тие сепак битно ги зголемија болничките капацитети за справување со кризата.

– Сите тие болници имаат свој технички прием и градежни документи без никаква замерка. Еве, да зборувам за модуларната болница која има капацитет дури од 70 легла и е припоена кон Клиниката за инфективни болести. Да ве потсетам, илјадници пациенти беа спасени од тешка клиничка слика, од средно тешка клиничка слика и ние не можеме да кажеме дека модуларната болница е начин за едно квалитетно згрижување и третирање и нега на пациентите – изјави д-р Стевановиќ.

Нема дилеми дека новите 19 модуларни болници, од кои најголем дел (14) изгради велешки „Брако“, се произведени и монтирани според строгите барања и обемната спецификација што ја доставил инвеститорот. Од каде го знаеме ова? Од самиот факт дека парите за овој проект ги обезбедила Светска банка, а и експертите и лаиците знаат дека кога оваа институција дава пари, тука шега нема. Да е тоа некоја наша, локална „направија“, некако и да се посомневаме во тендерот и во сето она што вообичаено се случува во вакви ситуации. Но, фактот дека деталната спецификација, напишана на десетици страници, е составена од проектната единица на Светска банка во Министерството за труд и социјала, а по завршувањето на тендерот истата е повторно одобрена од Светска банка, ни кажува дека целиот процес бил не само што се вели „по пе-ес“, туку и под силен рефлектор на сите надлежни институции.

Шпекулациите дека за објектот во Тетово, на пример, не бил извршен технички прием и дека имало суштински забелешки на квалитетот на изведбата се далеку од вистината. Теориите дека нешто можеби било спорно со електричната инсталација исто така се неодржливи – токму за таа инсталација специјализирана фирма извршила ревизија, во која буквално се проверени квалитетот и монтажата на секој штекер или прекинувач. Поинаку и не може да биде, затоа што наспроти сиот одиум и повремени медиумски кампањи што се водат против Кочо Анѓушев, никој сериозен не може да каже дека „Брако“ не е производител што работи по врвни светски стандарди и дека Светска банка во Македонија се вплеткала во некакви валкани, коруптивни зделки.

Впрочем, во тоа многу брзо ќе се убеди и обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, со чија наредба од Бирото за јавни набавки и од „Брако“ била, како што се вели театрално, „одземена“ целокупната документација за јавните набавки за сите 19 изградени модуларни болници во Македонија. Се разбира, ништо не морало да се „одзема“, бидејќи партнер на производителот на модуларните објекти се владините ресори и сите документи за транспарентната постапка се лесно достапни. Во секој случај, добро е да се препрочитаат, за да се дојде, всушност, до вистинската насока во која треба да се насочи истрагата.

Кислородната инсталација и противпожарната заштита биле обврска на инвеститорите, а не на производителот на модулите

Што знаеме до сега за можните причини за тетовската трагедија, која однесе 14 човечки жртви? Знаеме три битни работи.

Прво, знаеме дека производителот „Брако“, според тендерската спецификација и склучениот договор, произвел, испорачал и монтирал модуларни објекти (во Тетово и уште во 18 други места), но без инсталација за кислород и без системи на противпожарна заштита. Чија обврска била тоа? На инвеститорите, на болниците. Во болницата во инсталацијата за кислород ја монтирала фирмата „Технички гасови“. Упатените велат дека работата е завршена итно, но никој не го спори квалитетот на извршената работа, барем засега. Допрва од истрагата ќе дознаеме дали и во модуларната болница во Тетово, како и во некои други „тврди“ болници, лекарите или пациентите биле принудени самите да бараат и да шетаат од оние големи „швајцерски“ боци за кислород, кои се практично кислородни бомби.

Второ, знаеме дека за безбедноста и за противпожарната заштита во модуларните објекти исто така требало да се погрижат инвеститорите. Од изјави на сведоци, но и од изјава на тетовската градоначалничка Теута Арифи, знаеме дека тетовската болница имала сериозни проблеми со безбедноста, за кои менаџерите на болницата ги предупредиле надлежните. Истрагата допрва треба да утврди за какви проблеми станува збор. Од она што можеше да се дознае од кредибилните медиумски извештаи, во болницата изгледа се влегувало лесно, обезбедување или немало или ако имало било скудно и немоќно, а најважно – се чини дека во објектите немало ни основни противпожарни апарати, што е страшен пропуст (ако имало ПП-апарати, на снимките од опожарените објекти тие ќе се видат).

 

фото: EPA-EFE/Georgi Licovski

 

И трето, на вознемирувачките снимки од трагедијата се слушаат експлозии, кои наведуваат на основано сомневање дека пожарот, кој можеби избил и од банални причини, всушност добил катастрофично забрзување и размери кога огнот дошол во допир со атмосферата заситена од кислород. При нестручно ракување со опремата за вентилација или кислородна поддршка, тоа присуство драстично се зголемува. „Ако се покаже дека во објектот експлодирале кислородни боци или друг вид кислородна инсталација, од какви било причини, ве уверувам дека исходот на несреќата би бил исто ваков дури и во случај модуларните објекти да биле изградени од бетон, дури и тие практично да биле бетонски бункери“, вели за Плусинфо експерт што го консултиравме, кој сака да остане анонимен.

Висока концентрација на пациенти на кислородна поддршка во мал простор – рецепт за трагедија

И тука доаѓаме до клучниот проблем, кој тетовската трагедија ја поврзува со сличните несреќи во ковид-центрите ширум светот. Од почетокот на пандемијата во март 2020 година, до јуни оваа година, се случиле околу 40 инциденти со пожар во ковид-центри во различни места низ светот, при што животот го загубиле повеќе од 200 лица. Повеќето биле пациенти со коронавирус со тешка клиничка слика. Инциденти сличен на оној во Тетово се случиле во Романија, Украина, Египет, Турција, Индија и во Русија. Во некои случаи причината била дефект со електриката и поради чистиот кислород, била предизвикана експлозија и пожар.

Најголемата трагедија се случи на 24 април оваа година, кога во болница во Багдад избувнал пожар во кој настрадале 82 лица, а повредени биле над 100 други. Случајот сè уште се истражува, локалните медиуми известуваат дека пожарот бил предизвикан од експлозија на резервоар со кислород, а по оваа трагедија министерот за здравство на Ирак си поднел оставка.

Истражувањето на Joint Research Centre (Заедничка европска комисија, Центар за истраги), реализирана во Турција на 19 декември 2020 година, по избувнувањето пожар во болницата во Газиантеп во кој настрадаа 11 лица, наведува над 20 инциденти со пожари во ковид-центри, предизвикани во простории богати со кислород. Истражувањето покажува дека овие инциденти се директен резултат на брзото зголемување на употребата на вентилаторот со кислород во болниците. Концентрираното присуство на кислород во затворен простор, како што е болничка просторија, може да создаде околина збогатена со кислород.

Погледнете го ова видео:

 

 

 

 

 

 

Кислородот не е токсичен, но го потпомага пожарот. Во атмосферата го има околу 21 отсто, но кога концентрацијата надминува 23 отсто, може да создаде опасност од пожар. Чистиот кислород реагира на обични материјали како што се масло и масти, кои можат да предизвикаат пожари и експлозии кога се под висок притисок. Други фактори кои придонесуваат во ширење на пожарот се ниските покриви на објектите, градежните материјали кои се лесно запаливи, но и високиот број пациенти на кислородна поддршка во мали простории.

Во модуларните болници не треба да се пружа интензивна нега на болни од ковид-19

Дали за сево ова се виновни „чиновникот којшто го составувал текстот на тендерот“, „неговиот шеф“ и „конструкторот во градежното претпријатие“, кои не ги прочитале овие препораки, како што се сомнева професорот Трајковски? Сепак не. Модуларните болници во Македонија почнаа да се градат како резултат на зголемената потреба од болнички легла. Овие контејнери се произведуваат брзо и квалитетно, со материјали кои обезбедуваат солидна изолација од атмосферските услови. Масовно ги користат воени и хуманитарни мисии ширум светот, во нив многу луѓе живеат квалитетно и безбедно.

Но, факт е дека ваквите објекти дефинитивно не се погодни за интензивно лекување на ковид-пациенти, кое изискува инсталации и апарати за кислородна поддршка, со што сериозно се зголемува опасноста од пожари. Тоа е суштината на препораката на експертите, а тоа е мислење и на некои од нашите македонски медицински лица.

Д-р Андон Чибишев, на пример, смета дека во модуларните болници не треба да се пружа интензивна нега и затоа не би требало да се користат за лечење на болни од ковид-19. Тој во изјава за ТВ Алфа праша зошто како држава се потпревме на модуларните болници, и покрај тоа што имаме одредени капацитети во инфективните одделенија и во интернистичките одделенија, каде што можевме да хоспитализираме вакви пациенти на кои им е потребна интензивна медицинска нега.

– Јас сметам дека модуларните болници не се капацитети во кои може да се пружа интензивна медицинска нега. Од почетокот на пандемијата, од февруари-март 2020 година, до денес, ние имаме четири бранови. Меѓу брановите имавме одредено смирување на епидемиолошката ситуација. Тогаш надлежните требаше да мислат како да се зголемат капацитетите, но и како да се зголеми стручниот кадар, затоа што ние немавме ни доволно инфектолози, ниту луѓе кои се оспособени да третираат такви тешки пациенти, поставени на респираторна машина – изјави Чибишев.

 

Д-р Андон Чибишев: Модуларните болници не се капацитети во кои може да се пружа интензивна медицинска нега

Не можеше ли да изградиме нова саглам ковид болница и зошто „Мала Богородица“ со 100 кревети седи празна?

Значи, проблемот сепак лежи во стратегијата на лекување на ковид-пациентите и соодветно на тоа, во прилагодувањето и менаџирањето со здравствените капацитети.

Оние 19 модуларни ковид болници, за кои сега се зборува поради тетовската трагедија, ги зголемија капацитетите на македонското здравство за околу 700 болнички кревети. Тоа не е малку и д-р Стевановиќ веројатно е во право кога вели дека во нив се спасени и допрва ќе се спасат многу човечки животи. Но, непобитна вистина е и тоа дека во овие модуларни објекти требало да се сместуваат само пациенти со средна клиничка слика, чие лекување не бара сложени и опасни кислородни инсталации. На тој начин во објектите од тврда градба, во кои има посериозни инсталации со централен кислород, би се ослободиле за лекување на нови пациенти на кои им била потребна интензивна нега.

Но, делумно поради притисокот на огромниот број пациенти (за што е виновен и нискиот степен на имунизација на населението, често неконтролираното попуштање на мерките за експанзија на заразата и слично), сите македонски ковид центри практично станаа центри за лекување само на пациенти на кои им е потребна кислородна поддршка. Во такви услови, практично прашање на денот беше кога ќе се случи инцидент како во Тетово. И нормално, се случи токму таму каде што имало неред, хаос и безбедносни проблеми. Народски кажано, секогаш се кине таму каде што е најтенко.

Прашањето што треба да се постави погласно е поврзано со темата на која наведува Чибишев – не можело ли во паузите меѓу четирите смртоносни бранови да се инвестира во прилагодување на некои од постоечките болници во ковид центри за болни со интензивна нега? Секако дека можело. Имаме такви објекти.

Неодамна, во Нови Сад, за само четири месеци, беше подигната нова ковид-болница (не модуларна) со површина од 19.500 квадрати, со 220 кревети во интензивна нега, со 404 кревети во полуинтезивна нега, со 2 операциони сали, со 1 ангиосала, со 2 рентгена и со 2 скенера. Во оваа болница работат 65 лекари и 200 медицински техничари. Повторувам, болницата е изградена само за четири месеци. Погледнете како е изградена:

Не сме ли ние во Македонија способни да изградиме болница како оваа? Немаме ли градежни претпријатија што бараат работа? Немаме ли пари? Немаме ли знаење? Ако ништо од тоа немаме, имаме барем една готова а празна болница со 100 болнички кревети, која беше понудена од „Аџибадем Систина“, за работа со кадар од трите големи приватни скопски болници (од „ковид-профитерите“, како што ги нарекуваа) и со целокупно преземање и менаџирање од страна на државата. Зошто се отфрли таа понуда која никој нормален не би смеело да ја одбие?

Погрешната стратегија упатува на вистинските адреси на кои треба да се бара одговорноста

Сето ова укажува дека Македонија има сериозни наследени слабости во поглед на менаџирањето на здравствениот систем, кои дојдоа до полн израз во услови на најголемата здравствена криза во историјата на земјата. Наспроти пожртвуваноста на голем дел од медицинскиот кадар во земјата, здравствените власти на чело со министерот д-р Венко Филипче потфрлија: дизајнираа погрешна стратегија за лекување на пациентите (задоцнета хоспитализација), доцнеа со процесот на имунизација (доцнеа со вакцините, кампањата не дава ефекти) и се однесуваа крајно популистички во поглед на воведување и укинување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот меѓу населението.

Тетовската трагедија не е само симболичен, туку и реален и директен резултат на тоа потфрлање. И затоа, вистинските адреси на кои треба да се бараат одговорните се Илинденска бб и 50 Дивизија. Тоа се адресите на Владата и на Министерството за здравство.

Поврзани содржини