АНАЛИЗА Битката со ковид-19 нема да ја добиеме со предрасуди, со лаги и со атаци врз приватното здравство

Коронакризата ќе се продлабочува и во државните болници наскоро пациентите ќе мора да лежат по ходници или под шатори. Власта треба итно да ги поттикне сите приватни здравствени институции кои имаат капацитети или желба да инвестираат во отворање нови ковид-центри, или во проширување на постоечките, да го сторат тоа. Така може значајно да се зголемат капацитетите на здравствениот систем да одговори на овој, до сега најголем предизвик во историјата.

6,274

Во екот на вториот, навистина страшен бран на пандемијата на коронавирусот, во светот и во Македонија, во овие денови кога сме загрижени оти гледаме дека јавното здравство веќе е исцрпено во секој поглед, дел од медиумите одлучија за кризата во државниот да обвинат поединци во приватниот здравствен сектор. Тезите се познати и се сведуваат на една – дека „мафијашкиот“ приватен здравствен сектор, пред сѐ болницата „Аџибадем Систина“, наводно ја користел ситуацијата за да го „краде“ медицинскиот кадар од државните клиники и да се богати на сметка на несреќата на луѓето.

На почетокот на оваа анализа, сакам да кажам дека „Аџибадем Систина“со години е еден од деловните партнери на порталот Плусинфо. Ние сме горди што соработуваме со оваа врвна здравствена институција, но тој факт нема никаква врска со овој мој обид да укажам дека и нападот врз приватниот здравствен сектор и тезите кои се пласираат се погрешни и дека проблемите во македонското здравство, кои избиваат на виделина еве сега кога ни е најтешко, не се решаваат со вакви атаци на персонално ниво, туку со ситемски решенија. Коронакризата треба да биде поттик власта сериозно да размисли за итни реформски потфати, кои сѐ уште можат сериозно да ги зајакнат капацитети на здравството во борбата против ковид-19.






Заблудата за „трансферите“

Не велам дека за проблемите во нашето здравство се виновни само оваа власт и само министерот Венко Филипче. Далеку од тоа. Проблемите во овој сектор се напластени со години и со децении. И затоа, да се каже дека јавното здравство се исцрпува поради тоа што неколку лекари и медицински сестри од државните клиники преминале во „Аџибадем Систина“, или во други приватни клиники и ординации, навистина е обична глупост. Згора на тоа, ноторна лага е тврдњето дека „Аџибадем Систина“ ги „краде“ лекарите од државните клиники.

Да да, ова последново тврдење е лага. Го проверив тоа. За да се утврди вистината, доволно е човек да се јави во оваа здравствена установа и да праша колку лекари се вработени таму од јануари до октомври годинава и колку од нив преминале од јавното здравство. Многу едноставно прашање и многу едноставен одговор – во наведениот период, во „Аџибадем Систина“ се вработени 12 нови лекари, 3 од јавното здравство, а другите од приватни клиники. Истовремено, годинава од оваа болница си заминале 12 лекари, од кои 4 во јавното здравство, а 7 во пензија. Значи, во „трансферите“ на кадрите меѓу државните клиники и оваа приватна клиничка болница, резултатот во овој период е 4:3 во полза на јавниот сектор.

Зошто си заминуваат лекарите и средниот медицински кадар од јавното здравство, не само во приватните клиники и ординации, туку и во странство? Е тоа е прашањето на кое треба искрено да се одговори. За поголеми плати? Да. За подобри услови за работа? Да. За поголем престиж, за подобри шанси за усовршување и за напредок во кариерата? Да, да, да. Што е тука чудно и ново? Миграциите на медицинскиот кадар се познат феномен и тие ниту почнаа со коронакризата, ниту ќе завршат со неа.

Во ова тешко време, власта сепак можеше нешто да стори за да ги направи лекарите и медицинските сестри позадоволни, особено тие на првата линија на фронтот во битката со ковид-19. На пример, можеше и може да им ги зголеми примањата. Драстично. Па можеби да се случи и миграција во обратната насока, од приватното кон јавното здравство. Некој ќе праша, а од каде пари за сето тоа? Власта може да рече вака – во оваа кризна година нема да вработуваме советници во владата, нема да купуваме нови луксузни возила, нема да трошиме пари за триста непотребни работи и глупости, па и за работи кои се потребни но не се приоритетни во вакво време-невреме, како што се реконструкциите на скопските улици, на пример. Ете од каде пари. Има пари за домаќини…

Државата треба да соработува со приватниот сектор

Освен тоа, мислам дека власта во Македонија треба конечно да го смени својот потценувачки и често непријателски однос кон приватниот здравствен сектор и да го третира како рамноправен со јавниот. Јас јавното и на приватното здравство ги гледам како една целина, како единствен ресурс, како богатство на оваа нација што треба да се цени и да се доградува со добри системски решенија. Ова не се празни зборови, Македонија веќе има позитивни искуства на соработка на државата со јавното здравство. Да се потсетиме на некои од нив.

Своверемено, во деведесеттите години на минатиот век, независна Македонија немаше своја кардиохирургија. Операција на отворено срце и ставање бајпас, во периодот кога се оперираше мојот сега покоен татко, чинеше од 15.000 до 20.000 евра. Толку пари македонското здравство плаќаше за такви кардиохируршки интервенции во Србија и во Бугарија, а за некои случаи и во Хјустон. Потоа се појави д-р Жан Митрев, државата склучи договор со него (често напаѓан и оспоруван договор, можеби и со право), па од деведесеттите наваму, операциите на отворено срце веќе не се баук и во Македонија. Наместо да платиме 20.000 швајцарски франци кај прочуениот д-р Радовановиќ, татко ми го оперираше д-р Митрев за повеќекратно помала сума, а бајпасите потрајаа добри дваесеттина години. Легитимни се сите полемики за д-р Митрев, за неговите перформанси и за односите со власта, но нема дилеми дека еден крупен проблем во оваа земја на системско ниво одамна е решен. Успешно. Патем речено, според моите сознанија, клиниката „Жан Митрев“ од Фондот за здравствено осигурување за ваков вид услуги добива многу повеќе пари од клиниката „Аџибадем Систина“.

Втор пример на успешна соработка на државата со приватното здравство е „приватизирањето“ на услугите за дијализно болни пациенти. Покрај сите проблеми кои го следеа овој процес (корупциски притисоци и рекет, меѓу другото), неспорен факт е дека квалитетот на услугите што денес ги добиваат овие пациенти е неспоредлив со (не)квалитетот на услугите што тие ги добиваа порано, во подрумите на државните клиники и поликлиники. Денес во Македонија вакви услуги пружа и шведски оператор, еден од врвните во светот.

Дури и во овој период на пандемија имавме едно такво позитивно искуство. Се сеќавате, откако приватните клиники и лаборатории, меѓу кои и „Аџибадем Систина“, почнаа да тестираат, дел од медиумите веднаш тргнаа со напади. Прво се испомешаа серолошките и молекуларните тестови и се тврдеше дека првите „не чинат“. Какво незнаење и површност! Потоа подло се тврдеше дека некои од „приватните“ тестови биле „лажни“. Па кога и тоа не помина, се јавија обвинувања дека тестовите биле „неквалитетни“. Уште една подлост. Сосема на крајот, сѐ се сведе на приказната дека тестовите се скапи.  Што, секако, не е неточно, иако треба да се каже дека сите тестови што се плаќаат се „скапи“ во однос на бесплатните, оние што ги обезбедува државата. Арно ама, сега и приватните тестови ни се добри. И повеќе од тоа. Погледнете го бројот на тестирањата и ќе видите колку повеќе тестови се прават во приватните лаборатории одошто во државните. Има ли некој зијан од тоа? Има ли сега некој приговор? А што ќе беше ако останевме само на капацитетите за тестирање со кои располага државата?

Ресурсите на приватното здравство мора да се искористат

И да дојдеме до клучното прашање, до темата зошто „Аџибадем Систина“ отвори ковид-центар и зошто го опремува по најдобрите стандарди, со врвна опрема (EКMO апарат, на пример) и со врвен кадар. Често се заборава на фактот дека владата донесе одлука со која на приватните клиники им наложи да третираат пациенти кои се во животозагрозувачка состојба и се инфицирани со коронавирусот. Беше тоа добра одлука, во интерес на пациентите. Како и да е, „Аџибадем Систина“ отвори инфективен оддел, во кој, со најсовремени методи, се третираат пациенти со ковид-19. Болницата засега има одлична статистика, 99 отсто од пациентите кои побарале третман се излекувани.

Наместо да се тера непотребна кавга и јавно да се осудуваат луѓето кои се вработуваат во ковид-центарот и во другите оддели на оваа клиничка болница, но и во другите приватни здравствени установи, државата треба да седне и да ја збогати соработката со сите приватни здравствени институции. Коронакризата ќе се продлабочува и во државните болници наскоро пациентите ќе треба да лежат по ходници или под шатори. Власта треба да ги поттикне сите приватни институции кои имаат капацитети или желба да инвестираат во отворање нови ковид-центри, или во проширување на постоечките, да го сторат тоа. Треба договорно да се дефинираат цените на услугите, другите односи и видови соработка, па така ќе се надминат сите проблеми. Најважно од сѐ, така може значајно да се зголемат капацитетите на здравствениот систем да одговори на овој, до сега најголем предизвик во историјата.

Но, за да се постапи така, сите мора да се ослободиме од предрасудите поради кои во секој приватен газда гледаме „крадец“. Треба конечно да се признае она што сите го знаат – дека клиничката болница на Орце Камчев не би била тоа што е, да не се менаџира како врвна и развиена здравствена установа, да не нуди одлични услуги за пациентите, да не инвестира постојано и да не се бори жилаво на цената на пазарот на трудот на мадицински персонал. Каква штета од тоа има Македонија? Неодамна „Аџибадем Систина“ отвори современа педијатриска болница, со 210 луѓе медицински и друг персонал. Кој има зијан? Државната клиника? Здравствениот систем? Пациентите? Не, никој нема штета, најмалку пациентите.

Не сме ли сите во иста каша?

И сосема на крајот, збор-два и за парите, за „скапото“ лекување во „Аџибадем Систина“, за вечната дилема што е навистина скапо, а што е евтино.

Да, не е тајна дека во оваа приватна болница лекувањето не е евтино. Кога е приватно и кога сите трошоци ги сносат пациентите, не може ни да биде евтино. Зошто? Зашто медицината е она што жовијално се нарекува „скап спорт“: скапи објекти, скапа опрема, скапи лекови, скапи доктори и сестри… Не е евтино и лекувањето во државните клиники, само што таму најголем дел од трошокот го сноси државата, па сите мислиме дека се лекуваме „бесплатно“ и при тоа не водиме есап за парите кои секој месец ги издвојуваме за здравствено осигурување, болни или здрави сеедно. Како и да е, верувам дека лекувањето на пациентите од ковид-19 и во „Аџибадем Систина“ ќе биде поевтино, мислам дури дека сопственикот Камчев ќе направи и некакви свои потези во таа насока, но клучно е ова прашање да се уреди системски.

Македонија мора итно да пронајде нови внатрешни капацитети за лекување на пацентите со ковид-19. За да не влеземе во „Баргамо сценарио“. Една четвртина од пациентите кои влегуваат во Инфективната клиника во Скопје умираат, голем дел затоа што доаѓаат предоцна. Не треба ли да се размислува за отворање на ковид-центри за лекување на пациенти со полесна клиничка слика? Не беше ли паметно државните карантини што беа отворени по хотелите пролетоска, да прераснат во такви ковид-центри? Доцна ли е сега да се стори тоа? Не можат ли клиничките болници „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“ да ги зголемат капацитетите на своите ковид-болници? Можат ли и тие да набават и да опремат модуларни болници? Не треба ли на оваа тема да се разговара и со другите приватни клиники во земјава? Та не сме ли сите во иста каша?

Јас мислам дека владата и ресорниот министер треба да размислуваат во оваа насока. Има луѓе, лекари, менаџери и други експерти, кои многу подобро од мене ги знаат потенцијалите за зголемувањето на капацитите на нашето здравство за борба против пандемијата. Убеден сум дека тие не се мали и секако не се само во јавниот сектор. Потребно е само да се надминат предрасудите, да се отвори умот и да се размислува за системски решенија од реформски карактер, а не само да се цеди кравата која не може да дава повеќе млеко одошто дава сега.

Поврзани содржини