АМЕРИКАНСКИ МИЛИЈАРДЕР ДОНИРАШЕ 100.000 ДОЛАРИ ЗА ХЕРОЈОТ ОД СИДНЕЈ Цел свет собира пари за трговецот Ахмед
Досега се собрани речиси 1 милион долари во кампањата за поддршка на јунакот Ахмед, откако неговите родители изјавија дека нивниот син е застрелан 4 или 5 пати во рамото и се лекува во болница.
Американски милијардер донираше речиси 100.000 долари на човекот кој целиот свет го нарекува „херојот од Бонди Бич“, односно граѓанинот кој храбро го совлада едниот од двајцата напаѓачи што вчера пукаше во луѓе на плажата во Сиднеј и му ја одзеде пушката. Донацијата изнесува 99.999 долари, што е околу 65.000 евра, а оваа сума е максималниот износ што е дозволен за онлајн донација.
Видеото кое се прошири на интернет го прикажува 43-годишниот сопственик на продавница за овошје Ахмед Ал Ахмед како трча кон напаѓачот и му го грабнува оружјето. Откако му ја зеде пушката, ја впери кон него, принудувајќи го да се повлече.
По снимката, почна кампања за собирање пари за Ахмед на платформата ГоФундМе и досега се собрани речиси 1 милион долари. Целта на кампањата е да се соберат средства за неговото лекување. Родителите на Ахмед претходно изјавија дека нивниот син е застрелан 4 или 5 пати во рамото и се лекува во болница.
Најголемата единечна донација ја даде американскиот милијардер Вилијам Акман, извршен директор на Pershing Square Capital Managment, кој го пофали „храбриот херој“ за спасување животи.
На прес-конференција премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, му оддаде почит на храброста на Ахмед.
– Овој човек е вистински херој и не се сомневам дека многу, многу луѓе се живи вечерва благодарение на неговата храброст – рече тој.
И австралискиот премиер Ентони Албанезе ја пофали храброста на Ахмед.
– Денеска видовме како Австралијанци трчаат кон опасност, за да им помогнат на другите. Овие Австралијанци се херои, а нивната храброст спаси животи.
На божиќниот прием во Белата куќа американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, го пофали Ахмед, велејќи дека има „голема почит“ кон него.
– Тој беше многу, многу храбар човек. Тој директно го нападна еден од напаѓачите и спаси многу животи – рече Трамп.
Полицијата вчера соопшти дека најмалку 15 лица, меѓу кои и 10-годишно девојче, се убиени во терористичкиот напад што го извршија татко и син. Нападот бил насочен кон еврејската заедница за време на прославите на празникот Ханука на плажата Бонди. Ранети се 29 лица, вклучувајќи и едно дете.
Полицијата на Нов Јужен Велс потврди дека двајцата напаѓачи се идентификувани како Саџид Акрам (50) и неговиот син Навид Акрам (24), кои од 2019 година биле под истрага на безбедносните служби за врски со терористичката организација Исламска држава.
Таткото е убиен на местото на настанот, а синот е во критична состојба во болница.