АМЕРИКАНСКИ АВИОНИ ГО ПОГОДИЛЕ УЧИЛИШТЕТО ВО ИРАН ВО КОЕ ЗАГИНАА 165 ДЕВОЈЧИЊА? Конечен заклучок нема, истрагата сè уште е во тек

Американските воздушни сили веројатно се одговорни за бомбардирањето на иранското женско училиште во јужен Иран, изјавиле двајца американски функционери за Ројтерс.

670

Американските воени истражители веруваат дека американските воздушни сили веројатно се одговорни за бомбардирањето на иранското женско училиште при што беа убиени 168 девојчиња на возраст од 7 до 12 години и 14 наставници, но конечен заклучок сè уште не е донесен и истрагата не е завршена. Ова го изјавија двајца американски функционери за новинската агенција Ројтерс.

Службениците, кои зборуваа под услов да останат анонимни поради чувствителноста на воените прашања, не ја исклучија можноста да се појават нови докази што би ги ослободиле САД од вина и би укажале на друг можен сторител на нападот.






Женското училиште во Минаб, јужен Иран, беше целосно разурнато во саботата, на 28 февруари, на првиот ден од американско-израелските воздушни напади врз Иран.

Иран соопшти дека ги идентификувал пилотите

Ројтерс соопшти дека не можел да добие дополнителни детали за истрагата, вклучувајќи ги доказите врз кои се базира оваа прелиминарна проценка, видот на употребеното оружје, кој точно бил одговорен или зошто САД би го нападнале училиштето.

Иранскиот весник Фарс објави дека властите во Техеран идентификувале двајца пилоти за кои тврдат дека учествувале во нападот врз основното училиште „Шаџаба Таиба“. Според извештаите, утврдена е земјата на потекло на пилотите, како и воздухопловната база од која полетале, јавуваат иранските медиуми.

Не се соопштени дополнителни нформации.

Пентагон го истражува нападот

Министерот за војна на САД, Пит Хегсет, потврди во средата дека американската војска го истражува инцидентот.

– Го истражуваме случајот. Секако дека никогаш не таргетираме цивилни цели, но проверуваме што се случило – рече тој.

Засега не е познато колку долго би можела да трае истрагата или какви докази бараат американските истражители пред да донесат конечна проценка.

Пентагон ги упати барањата на Ројтерс за одговори до Централната команда на американската војска. Портпаролот на командата, капетан Тимоти Хокинс, рече дека „не би било соодветно да се коментира додека инцидентот е под истрага“.

Белата куќа не коментира

Белата куќа не коментираше директно за истрагата, но портпаролката Каролин Ливит во изјава за Ројтерс рече:

– Додека Министерството за одбрана моментално го истражува овој случај, иранскиот режим е тој што ги таргетира цивилите и децата, а не САД.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, во понеделникот изјави дека САД никогаш намерно нема да таргетираат училиште.

– Министерството за одбрана ќе го истражи ова доколку се покаже дека е наш напад, па затоа ве упатувам кај нив за дополнителни информации – рече Рубио.

Израел и САД ги поделиле целите во Иран

Според висок израелски функционер и извор запознаен со заедничкото планирање на операциите, израелските и американските сили досега ги поделија нападите во Иран и географски и според видот на целите.

Израел ги таргетира местата за лансирање ракети на западот од Иран, додека САД напаѓаат слични цели, како и поморски објекти на југот од земјата.

Можно воено злосторство

Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации, без да прецизира кого смета за одговорен за нападот врз училиштето, повика на темелна истрага во вторникот.

– Товарот на одговорноста за истрагата е на силите што го извршија нападот – изјави портпаролката Равина Шамдасани на прес-конференција во Женева.

Таа рече и дека разорниот воздушен напад би можел да претставува воено злосторство ако се утврди дека целта биле цивили или ако нападот бил неселективен, што е спротивно на меѓународното право.

– Деца, девојчиња, убиени на овој начин среде училишен ден, на самиот почеток на часовите… Нивните ранци се извалкани со крв – додаде Шамдасани.

Иранската државна телевизија објави снимки од погребот на ученичките во вторникот. Нивните мали ковчези беа покриени со ирански знамиња, додека илјадниците собрани граѓани ги носеа низ големата толпа луѓе кон местото на погребување.

Доколку се потврди вмешаноста на Соединетите Американски Држави, овој напад би бил меѓу најсмртоносните инциденти со цивилни жртви во децениите американски воени конфликти на Блискиот Исток.

Би-Би-Си објави дека училиштето е гаѓано неколку пати

Националниот британски сервис Би-Би-Си изврши детална анализа на сателитски снимки и на автентични видеа со кои откри дека врз училиштето се изврени повеќекратни напади.

Комплексот на основно училиште се наоѓа во непосредна близина на воена база на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), од кој е одделен само со ѕид, што дополнително ја комплицира независната истрага за вистинските цели на овој разорен напад.

„Ужасните сцени веднаш по нападот, потврдени од Би-Би-Си, покажуваат широко распространета паника додека очајните семејства ги пребаруваат урнатините. На видеата, столбови од густ црн чад се издигаат над училишната зграда, додека спасувачките екипи ги извлекуваат телата на жртвите меѓу бетонските остатоци, ранци извалкани со крв и детски книги. Колку бил брутален нападот, сведочат воздушните фотографии направени три дена подоцна, кои покажуваат уредно распоредени редови со најмалку 100 свежо ископани гробови“, објави Би-Би-Си.

Сателитските фотографии направени од „Планет Лабс“ откриваат уништување од неверојатни размери. Аналитичарите идентификуваа најмалку 5 објекти со длабоки кратери, што, според воениот експерт Н. Р. Џензен-Џонс, укажува на повеќекратни, речиси истовремени удари.

Експертите од компанијата „Мекензи Интелиџенс“ веруваат дека специфичната штета на приземјето од двокатната училишна зграда укажува на употреба на специјализирана муниција дизајнирана да продира во подлабоки, подземни нивоа, додава Би-Би-Си во анализата.

Досега никој не ја презема одговорноста

Ниту една страна во војната сè уште не ја презеде одговорноста.

Израелската војска изјави дека нема сознанија за никакви операции во таа област.

Независната верификација на овие тврдења на терен е драстично отежната поради целосното исклучување на интернетот наметнато од иранските власти.

На социјалните мрежи се појави и теоријата дека трагедијата е предизвикана од неисправна иранска ракета, но западните воени аналитичари ја отфрлија оваа можност, наведувајќи дека штетата од овој обем не се совпаѓа со боевите глави на иранските ракети земја-воздух.

Поврзани содржини