АМЕРИКАНЕЦ ПОЧИНА ОД ЧУМА Истата бактерија предизвика црна смрт во Европа
Иако чумата често се поврзува со убивање на милиони Европејци во средниот век, таа не е искоренета болест, вели државната ветеринарка за јавно здравје д-р Ерин Фипс.
Жител на Ново Мексико почина од чума, што е прв смртен случај од оваа болест во државата од 2020 година. Официјални лица изјавија дека човекот живеел во округот Линколн и починал во болница. Одделот за здравство во Ново Мексико не го објави името, возраста, расата или етничката припадност на мажот.
Одделот за здравство соопшти дека членовите на персоналот се обраќаат до жителите во областа и ќе спроведат еколошка проценка во заедницата за да го утврдат ризикот од заразување со чума, пренесува ABC News.
Последниот случај на чума кај луѓе во Ново Мексико е пријавен кај жител на округот Торенс во 2021 година. Во 2020 година, регистрирани се 4 случаи на заболени од чума – еден во округот Санта Фе, два во округот Торанс и смртен случај во округот Рио Ариба.
– Иако чумата често се поврзува со убивање на милиони Европејци во средниот век, таа не е искоренета болест. Ова е истата бактерија што ја предизвика црната смрт што го десеткуваше европското население, и навистина е сè уште присутна. Сè уште циркулира и денес – вели државната ветеринарка за јавно здравје д-р Ерин Фипс.
Чумата е болест предизвикана од бактеријата Yersinia pestis. Природно се јавува во западниот дел на САД, особено во руралните области на Аризона, Колорадо, Ново Мексико и Јута, според Центрите за контрола и превенција на болести.