АМЕРИКАНЦИТЕ ЗАГРИЖЕНИ ЗА ОТЕЧЕНИТЕ НОЗЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ Колку е сериозна дијагнозата на Трамп?
Трамп забележал оток во нозете, поради што посетил лекар. По прегледот, му била дијагностицирана венска инсуфициенција, а Белата куќа соопшти дека состојбата не е опасна.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој има 79 години, страда од хронична венска инсуфициенција, објави вчера Белата куќа. Станува збор за состојба во која вените во нозете не успеваат правилно да ја вратат крвта во срцето, па затоа таа се задржува во долните екстремитети, што може да предизвика оток, болка и промени на кожата.
Трамп забележал оток во нозете, поради што посетил лекар. По прегледот, му била дијагностицирана венска инсуфициенција, а Белата куќа соопшти дека состојбата не е опасна.
Фотографиите од Трамп од последните денови покажаа и модринки на неговата рака, кои биле покриени со пудра. Белата куќа тврди дека ова не е поврзано со венски проблеми, туку со последици од честите ракувања и употребата на аспирин, кој го зема како дел од превенцијата од срцеви заболувања.
Лекарот на Белата куќа, капетанот Шон Барбабела, во официјална белешка наведе дека ова е честа и безопасна состојба, особено кај постарите лица.
– Нема знаци за длабока венска тромбоза или артериска болест – рече Барбабела, додавајќи дека претседателот „продолжува да ужива во одлично здравје“.
Тој исто така истакна дека неговата срцева структура и функција се сосема нормални и дека нема знаци на срцева слабост, проблеми со бубрезите или системски заболувања.
Експертите објаснуваат дека хроничната венска инсуфициенција често се јавува кај луѓе над 70 години бидејќи венските залистоци ослабуваат со возраста. Покрај отокот, состојбата може да предизвика и болка, чешање, грчеви, промена на бојата на кожата, рани на нозете или, во тешки случаи, крварење. Може да доведе и до намалена подвижност.
– Може да биде поврзана со посериозни компликации, но само по себе не е сериозна и е многу честа – рече д-р Метју Едвардс, раководител на Одделот за васкуларна хирургија на Универзитетот Вејк Форест. Според него, помеѓу 10 и 35 проценти од луѓето во возрасната група на Трамп го имаат ова нарушување.
Дополнителни фактори на ризик вклучуваат прекумерна тежина, историја на згрутчување на крвта и работа што бара стоење подолги временски периоди.
Состојбата обично се регулира со носење компресивни чорапи, подигнување на нозете навечер и редовно користење хидратантни креми. Професорот Иан Четер, претседател на Британското здружение за васкуларна хирургија, рече дека состојбата „многу, многу ретко може да биде опасна по живот“.
Трамп, исто така, го направи својот прв годишен лекарски преглед во неговиот втор мандат во април. Лекарите рекоа дека е во „одлична општа здравствена состојба“ и дека зема лекови за намалување на холестеролот (росувастатин и езетимиб), аспирин за спречување на срцеви заболувања и мометазонска маст за кожни заболувања.
Трамп постојано јавно нагласуваше дека е во одлична форма, еднаш велејќи: „Јас сум поздрав од кој било претседател во историјата“.