🎥 АМЕРИКАНЦИТЕ ЗА ПРВ ПАТ УПОТРЕБИЈА „РАКЕТА ОД ПЕКОЛОТ“ Има дострел од 500 километри

Секој проектил PrSM е долг нешто помалку од четири метри, со дијаметар од 43 сантиметри и тежина до 817 килограми. Носат фрагментационо-експлозивна боева глава тешка 91 килограм.

282

Во војната во Иран, обележана со употреба на различни видови оружје – од најсовремени борбени авиони до евтини дронови – американската војска по првпат во борбени услови употреби едно од своите најнови оружја. Станува збор за Проектилот за прецизни удари (Precision Strike Missile – PrSM), кој бил употребен при напади врз ирански воени цели во рамки на актуелната американско-израелска интервенција во таа земја, пишува „Еуроњуз“.

Командантот на Централната команда на САД (CENTCOM), адмирал Бред Купер, по првата употреба изјави дека PrSM ѝ обезбедува на американската војска „неспоредлива способност за длабоки удари“.






PrSM е ракетен систем земја-земја наменет за уништување цели на оддалеченост од 60 до 500 километри, што е значително повеќе од дострелот на класичните артилериски или ракетни системи. Проектилите ги придвижува ракетен мотор, а до целта ги насочува инерциски навигациски систем потпомогнат со GPS.

Тие можат да се истрелуваат од возилата M142 HIMARS или M270 MLRS, а носат фрагментационо-експлозивна боева глава тешка 91 килограм, наменета за уништување големи или добро утврдени цели.

Овој систем го произведува одделот за ракети и системи за контрола на оган на компанијата „Локид Мартин“, а PrSM се опишува како „ракета за прецизни удари од следната генерација со долг дострел“. Неговиот развој започнал во 2016 година, а првите ракети ѝ беа испорачани на војската во август 2023 година.

Целта на иницијативата беше да се замени застарениот тактички ракетен систем на армијата (ATACMS) со помодерен систем кој нуди поголеми можности, подобра прецизност и пофлексибилни боева глави. PrSM ги исполнува тие барања, а воедно има помал радарски одраз, бара помалку одржување и е покомпатибилен со постојните лансери како HIMARS и MLRS.

Секој проектил PrSM е долг нешто помалку од четири метри, со дијаметар од 43 сантиметри и тежина до 817 килограми. Таквиот покомпактен дизајн овозможува лансерите да носат два проектила наместо еден, што е двојно повеќе во споредба со постарите системи.

Развојот и употребата на проектилот PrSM станаа можни откако во 2019 година првата администрација на Доналд Трамп го суспендираше учеството на САД во Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (INF) со Русија.

Одлуката за напуштање на договорот, чија цел беше да ги спречи двете земји да развиваат ракети со среден дострел, беше донесена како одговор на претходните руски прекршувања.
– Не можеме повеќе да бидеме ограничени со договор што Русија без срам го прекршува – изјави тогашниот американски државен секретар Мајк Помпео.

Договорот наметнуваше ограничување од 500 километри за дострелот на ракетите што се лансираат од копно. Иако PrSM не може да носи нуклеарни боеви глави, развојот на ракетен систем способен за удари на средни и големи далечини, според некои толкувања, би можел да создаде опасен преседан.

Поврзани содржини