Амбасадорката Брнз им оддаде почит на американски пилоти од паднатиот воен авион во Вратница
Американски бомбардер Б-24 наречен „Наша љубов“ се урнал во месноста Камче на 26 август 1944 година,
Амбасадорката на САД во земјава Кејт Мери Брнз ја посети тетовска Вратница за им оддаде почит на загинатите пилоти од паднатиот американски бомбардер Б-24 наречен „Наша љубов“ што се урнал во месноста Камче на 26 август 1944 година, соопшти здружението на жители од Вратница.
По тој повод жителите на Вратница со поддршка од Амбасадата на САД до месноста Камче трасирале патека и поставиле информативни табли.
– Со оваа историска патека оддаваме почит на сите жртви од Втората светска војна. Ја користам оваа прилика да ги поканам сите љубители на планината да ни се придружат на претстојниот традиционален марш што ќе се оддржи на 29 август, во сабота. Повеќе информации може да се најдат на ФБ страницата на Вратница, а сите заинтересирани можат да се пријават на следниот емаил: [email protected] – изјави претседателот на Здружението на жители на Вратница Мирослав Ќировски.
Покрај планинарскиот марш до местото на паднатиот авион, амбасадорката на САД го посети хостелот „Китка“ и се запозна со туристичката понуда на Вратница.
-Чест ни е што амбасадорката е гостинка во Вратница по втор пат што покажува дека вреди да се посети Вратница – рече Ќировски.
Одбележувањето на овој настан е овозможено благодарение на жителите на Вратница и нивната соработка со Амбасадата на САД.
При падот на американскиот воен авион во 1944 година загинале шест војници, а тројца се спасени од мештаните.
На 26 ноември 2014 година е откриена спомен плочата за американските војници во Вратница од страна на тогашниот американски амбасадор Пол Волерс и тогашниот министер за одбрана Зоран Јолевски.