„АЛКАЗАР ЕНЕРЏИ“ ЗАПОЧНА ДА ГО ГРАДИ ВЕТЕРНИОТ ПАРК ОД ПОЛОВИНА МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ ВО ШТИП Треба да обезбедува струја за148.000 домаќинства и заштеда од 570.000 тони јаглерод диоксид

Проектот треба да овозможат 396 мегавати електрична енергија и ќе содржи 54 ветерници.

11

Со обезбедени 180 милиони евра „Алказар енерџи“ го заокружи финансирањето на првата фаза  од проектот „Ветерен парк“ во Штип. Со тоа, како што објави денеска раководоството на компанијата, се преминува во следна фаза на реализација на инвестицијата од над 500 милиони долари. Тоа е една од трите фази што треба да овозможат 396 мегавати електрична енергија во ветерниот парк, кој ќе содржи вкупно 54 ветерни и ќе биде најголем во регионот.

– Денес завршуваме со финансиската конструкција за 131 мегават и 21 турбина, со 180 милиони евра инвестиции, што се обезбедени од ЕБРД, ИФЦ, Ерсте банка заедно со Шпаркасе банка. Не можам да го кажам името на компанијата, но можам да кажам дека таква компанија покажува доверба во држава како Македонија – рече Даниел Колдерон, коосоновач и генерален директор на „Алказар енерџи“ на настан во Штип во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министри и претставници на финансиските партнери.






Колдерон најави дека кога ќе биде готов ветерниот парк ќе обезбедува енергија за 148 000 домаќинства, ќе бидат заштедени 570 илјади тони ЦО2, а  ќе се овозможат околу 300 вработувања.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека инвестицијата на „Алказар енерџи“ во ветерниот парк во Штип, Радовиш и Карбинци, ќе овозможи неколку стотици работни места, нова патна инфраструктура, како и еден тераватчас (речиси еден милион мегаватчасови) електрична енергија од обновливи извори.

Според него, малкумина верувале дека денеска ќе може да се види градежна механизација и се што се гради на потегот на Штип, Радовиш и Карбинци.

– Денес гледаме стотици градежни машини и почеток на инсталирањето на капацитетите на ветерниците. Почнуваме инвестиција која ќе вреди половина милијарда долари, но дополнително ме охрабрува тоа што нивните планови за инвестирање во Македонија не завршуваат тука, имаат и други планови за што ќе ја имаат поддршката од Владата –  рече Мицкоски.

Министерката за енергетика Сања Божиновска оцени дека ветерниот парк Штип има значење што ги надминува границите на еден проект и на една инвестиција.

– Нашата задача е ваквите капацитети да ги поврземе со поширока цел – поголема сигурност во снабдувањето, посилна економија и помала изложеност на надворешни енергетски потреси. Не смееме енергетската иднина на Македонија да ја оставиме само на условите што ги создаваат другите, мораме да ја градиме со капацитетите кои ги создаваме тука.  Токму во тоа е и улогата на Министерството за енергетика.  Нашата институционална поддршка за ветерниот парк е дел од определбата да поддржуваме инвестиции во обновливи извори со предвидливи правила и со долгорочна развојна насока – рече Божиновска.

Мицкоски зборуваше и за идните потенцијали на државата за инвестиции во енергетиката и потсети на изјавата на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен на бизнис форум во 2025 дека Балканот може да биде хаб преку кој Европа ќе се снабдува со обновлива енергија.

– Имајќи го предвид развојот на вештачката интелигенција кој е неповратен процес, во следните 14-15 години Европа ќе има потреба за дополнителни 1000 терават часови електрична енергија. Поради тоа потенцијалот што може да го имаме како држава да го инвестираме во производни капацитети а потоа да произведеме е еднаков на 24 терават часови. Кога тоа ќе се помножи со цената на струјата зборуваме за две милијарди евра годишно бизнис што треба да го зголеми македонскиот БДП и да придонесе позитивно за македонската економија. Со оглед на целта да бидеме крстосница на овој дел од регионот и за енергетската инфраструктура на врвот на приоритетите ја ставаме поддршката на ваков тип гринфлд инвестиции – рече Мицкоски.

Поврзани содржини