Алијанса за Албанците: Дивоградбите во Струга се со амин на Мерко, тие што градат велат „се договоривме со Рамиз“
Уште еднаш ги покануваме полицијата, обвинителството, судот, владата, да преземат мерки сѐ додека не стане предоцна.
Арогантното и неодговорното однесување на градоначалникот на Струга, уште еднаш покажа дека дивоградбите во Струга се прават со знаење, амин и згора на тоа и со негово стимулирање. Повеќето од тие што градат околу езерото и не само таму, ги кажуваат истите зборови: „Се договоривме со Рамиз“, реагира партијата на Зијадин Села на изјавата на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко дека баш му е гајле за реакциите на невладините и на јавноста за нелегалните објекти.
– На овој уништувач на секоја вредност и богатство на граѓаните на Струга, не му е местото таму. За жал, институциите стануваат алатка на криминал и криминалци како Рамиз. Уште еднаш ги покануваме полицијата, обвинителството, судот, владата, да преземат мерки сѐ додека не стане предоцна. Нашето богатство се уништува и узурпира, додека организираниот криминал цвета на секој агол на Струга – вели Алијансата за Албанците.