АЛЕКСАНДАР ВИРГИЛИС: ЖИВОТ КАКО ГОДИШЕН ОДМОР Купил земја на Хвар и ќе прави пермакултурен камп
Иако ова звучи како нашиот соговорник по цел ден да лежи на плажа, тоа е далеку од вистината. Всушност, значи дека постојано работи, но само она што го сака, а најново е расчистувањето на купеното земјиште и поставување на темелите на она што планира да прерасне во пермакултурна градина и камп, кадешто ќе готви со медитерански, автохтони билки и ќе ги едуцира луѓето за функционална исхрана
Скопјанецот Александар Виргилис веќе година ипол живее на хрватскиот остров Хвар, а цели 24 години претходно живеел во Загреб. Хрватите не му веруваат дека е Македонец, па оние кои не го знаат од претходно, се убедени дека е пургер (стар загрепчанец, нешто како нашите стари скопјани). Сето тоа време во Загреб работел како фризер, но завршил и пермакултура и работи и како готвач и консултант за функционална исхрана, односно, исхрана која е во функција на организмот. А неговото мото е дека менувањето на исхраната во функција на здравјето не треба да е мачење и постојано лишување од „забранети“ намирници, туку и нивна замена со вкусна и поздрава алтернатива.
Како средношколец, во Скопје, учел за готвач па, како што вели, практично во животот станал сè што татко му велел дека треба да стане, а во тој период нему му делувало сосема непривлечно и туѓо.
„После основно татко ми ме праша дали сакам да ми отвори фризерски салон, зашто многу се занимавав со мојата и со косите на сите околу мене, а ми кажа и дека можaм да бидам многу добар готвач. Јас бев запрепастен: Јас фризер? Готвач? Нема шанси! А потоа … потоа станав и фризер и готвач, дури и во ист период“, се смее Александар со кого се најдовме на кафе во едно од хварските кафулиња каде што тој е веќе позната фаца. Исто како и неговиот пес Рио кој за цело време на разговорот си седеше кротко до својот газда.
Целиот текст прочитајте го на порталот „Арт кујна“.